ЌЕ СЕ ЧЕШЛААТ ЗАКОНИТЕ ЗА ДАНОЦИ И ЦАРИНИ ЗА ДА СЕ ВИДИ КАДЕ ПРОТЕЧУВААТ ДАНОЦИТЕ Димитриеска Кочоска најавува силна борба со сивата економија во 2026 година
Во интервју за Економија и Бизнис министерката за финансии вели дека во таа борба главна ќе биде дигитализацијата и поврзувањето на системите кои овозможуваат да се намалат приходите од даноци.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска за следната година најавува силна борба против сивата економија и одливот на даноците поради тоа.
Според неа, дигитализацијата на сите институции е еден од основните предуслови за намалување на сивата економија.
– Мојот фокус и понатаму останува на прибирањето на даноците и на намалување на сивата економија. Е-фактура е проект што сериозно се работи и очекувам во текот на следнава година да почне да функционира. Паралелно се работи и на законот за е-фактура. Дигитализацијата на УЈП е приоритет, тука мислам на врзување на системите меѓу себе. За мене е несфатливо како може во 2026 година да не може со внесување на даночен број и со еден клик во систем да ги добиете сите податоци за еден правен субјект, колкави обврски има за секој поединечен данок, дали редовно плаќа или не итн. Продолжуваме и со понатамошна дигитализација на Царинската управа. Министерството за финансии има целосна техничка поддршка од страна на Министерството за финансии на САД (US Treasury) и сметам дека сега е вистинскиот момент за доведување на работите во правилна насока – вели Димитриеска Кочоска во интервју за Економија и Бизнис.
Таа споделува информација од анализа на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), според која, даночните трошоци во Македонија се 4,75 % од БДП, што, според неа е огромен износ кој треба да се намали.
– Мојот фокус е намалување на процентот, односно сите закони од областа на даноците и на царините ќе бидат отворени со цел да видиме каде имаме неусогласености и не прибираме доволно приходи – вели Димитриеска Кочоска.
Во контекст на дигитализацијата, министерката најавува и дигитално поврзување на менувачниците во земјата со цел да се обезбеди поголема контрола на нивното работење.
– Сериозно ја анализирам потребата од поврзување на сите менувачници во државава во еден систем. Ова сметам дека сериозно ќе влијае на намалување на сивата економија во државава. Кога зборуваме за системи морам да напоменам дека за финансиските друштва воспоставуваме еден софтвер кој треба да ја олесни контролата кај нив, а согласно тоа произлегува и потребата за менување на Законот за финансиски друштва – вели таа.
Како еден од состемите каде што е можно одливање на даночните приходи Димитриеска Кочоска го наведува и организирањето игри на среќа.
– Законот за игри на среќа е во собраниска процедура. Покрај повисокиот приход за буџетот од повисоките давачки за овие правни субјекти, планот е во 2026 година да се направи нов систем што ќе ги контролира и овие правни субјекти и ќе ги спречи сите можни злоупотреби – вели таа.