АБЕЦЕДАРОТ КАКО ДОКАЗ ЗА МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ Јубилејно издание открива што признала Грција во 1925 година

Јубилејното издание „Абецедарот – сто години потоа“ беше промовирано во Скопје како директно сведоштво за македонскиот јазик, идентитет и историја.

73

На Универзитетот „Скопје“ денеска беше промовиран јубилејниот македонски буквар „Абецедарот – сто години потоа (1925–2025)“, капитално издание кое ја одбележува стогодишнината од печатењето на „Абецедарот“ во Атина. Книгата содржи авторски текстови од проф. д-р Нада Јурукова, проф. д-р Виолета Ачкоска и проф. д-р Елка Јачева Улчар.

Јубилејното издание е составено од два дела. Во првиот дел се поместени научни статии кои го анализираат историскиот, политичкиот и јазичниот контекст на „Абецедарот“, додека во вториот дел целосно е објавен оригиналниот буквар – на левата страна во изворната форма, а на десната страна во транскрипција на кирилично писмо.






Претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, потсети дека „Абецедарот“ за првпат бил отпечатен во Атина во 1925 година, како директно сведоштво за постоењето на Македонците во Грција и во светот.

Промоторот, проф. д-р Никола Жежов, истакна дека ова издание претставува примарен историски документ со исклучително значење.

– Денес, во новата историска реалност, ние како Македонци имаме неспорен и вреден историски документ од пред еден век, кој директно сведочи дека Грција во 1925 година планирала настава на македонски јазик за македонските деца во својот образовен систем. Уште поголема важност има фактот што авторите на учебникот се Грци и што тој бил изготвен по налог на грчкото Министерство за образование – нагласи Жежов.

Според него, токму овие факти треба да бидат клучен аргумент пред меѓународната јавност во дебатите за македонското прашање, правата на Македонците во Егејскиот дел на Македонија и грчката негаторска политика.

Проф. д-р Виолета Ачкоска појасни дека „Абецедарот“ е специфичен поради азбуката на која е напишан – латиница.

– Тоа е грчки политички маневар за да се избегне и бугарската и српската кирилица, бидејќи Грција тврдеше дека не станува збор ниту за бугарско, ниту за српско малцинство, туку за автохтоно славоговорно население. Букварот го изразува јазикот на тоа население, но со латиница, поради тогашниот политички контекст – истакна Ачкоска.

Таа потсети дека „Абецедарот“ никогаш не бил применет во наставата и дека грчката држава набргу ги уништила примероците, иако дел од нив биле видени од македонското население. Првото реиздание се случило дури во 1985 година, а ова јубилејно издание е најкомплетното досега.

Претседателот на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија „Македон“, Александар Јаневски, нагласи дека иницијативата за јубилејното издание е прифатена во 2023 година во МАНУ.

– Оваа година одбележуваме и 77 години од егзодусот на децата Македонци од Егејска Македонија. Остануваме посветени на трајно решение на македонското прашање, врз основа на правото на самоопределување и самоидентификација – рече Јаневски.

Тој побара итно раскинување на договорите со Бугарија и Грција, продолжување на членството во Обединетите нации под името Македонија и распуштање на историските комисии.

На промоцијата присуствуваа архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, универзитетски професори, писатели и бројни гости.

Поврзани содржини