ХАРТИЕНАТА ПОТВРДА ЗА ЦАРИНСКИ ДОЛГ ОДИ ВО ИСТОРИЈАТА Централниот регистар сега ja добива електронски за неколку минути

Досега годишно се издаваа по 7 000 до 9 000 хартиени потврди за царински долг што значеше 5 до 10 денови обработка на секое барање и административен товар за фирмите и граѓаните низ целата држава.

249

Хартиените потврди за царински долг (платени царински давачки) кои се потребни за упис и промени на правниот субјект стануваат минато. Централниот регистар со само еден клик ги добива овие податоци од Царинската управа, што за фирмите и граѓаните значи заштеда на време и ресурси. Истовремено, се овозможува безбедност, интегритет и точност на обезбедените податоци со што се делува и во насока на сузбивање можни измами.

Ова го соопштија денеска директорите на Царинската управа и Централниот регистар, Бобан Николовски и Анита Стамнова кои на прес-конференција информираа за електронското поврзување на двете институции.






Како што напомена Николовски, досега годишно се издаваа по 7 000 до 9 000 хартиени потврди за царински долг што значеше пет до десет дена обработка на секое барање и административен товар за фирмите и граѓаните низ целата држава.

–  Сега граѓаните нема да мораат веќе да доаѓаат лично до централната управа во Скопје или да ангажираат адвокати кои ќе им ги вршат овие услуги во нивно име и за нивна сметка. Со овој чекор, јасно ги покажуваме нашите заложби за создавање подобри услови за водење бизнис, преку намалување на бирократските процедури и зголемување на ефикасноста на администрацијата, како едно од клучните ветувања пред бизнис заедницата. Бизнисот нема време за чекање, а ние како институции сме должни и јасно ги демонстрираме нашите напори кон создавање одржливо општество во кое економскиот раст ќе биде движен од зголемената ефикасност и доверба во системот – рече тој.

Според Стамнова, ако порано беа потребни неколку дена за добивање на потребните потврди од Царината, како и да се патува од другите градови во Скопје, сега, преку електронско поврзување, потврдите ќе се добиваат за неколку минути.

– Ова е првата фаза од надградбата на едношалтерскиот систем. Втората фаза е надградбата во однос на документите кои се добиваат од УЈП – потврдата за платени даноци и придонеси. Потоа ќе следи поврзувањето со Централниот регистар на население за автоматско преземање на податоците на граѓаните и на деловните субјекти за платените царински давачки – рече Стамнова.

Централниот регистар и Царинската управа, додаде таа, остануваат посветени на трансформација на услугите со фокус на корисниците и нивните потреби, користејќи модерни дигитални технологии за овозможување поедноставни и поефикасни услуги.

– Продолжуваме да ги развиваме нашите услуги и ги охрабруваме сите чинители во давањето јавни услуги за бизнисите и граѓаните на меѓусебна соработка со цел имплементација на поефикасни електронски услуги, односно градење функционален систем на јавни услуги како основа за враќање на довербата во институциите на државата – рече Стамнова.

Поврзани содржини