НИЕ СМЕ ДОВОЛНО СИЛНИ И САМИ, ЕВРОПА Е ГОРДА НА СВОИТЕ ЛИДЕРИ Европски реакции на интервјуто на Трамп за „Политико“
Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас оцени дека обвинувањата на Трамп се „упатени на погрешна адреса“ и дека ЕУ е суштина на слободата, а претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта рече дека сојузниците не смеат да се мешаат во внатрешната политика едни на други.
Сојузници не се мешаат во внатрешни работи едни на други, критиките се упатени на погрешна адреса и Европа е способна да ја брани сопствената демократија, се дел од реакциите на европските лидери на ставовите на американскиот претседател Доналд Трамп изнесени во интервју за бриселскиот портал „Политико“.
Трамп во интервјуто, меѓу останатото, истакна дека Европа е „група држави во распаѓање“, со кои раководат „слаби луѓе“, дека мигрантската политика на ЕУ е „катастрофална“, дека лондонскиот градоначалник е „неспособен“, како и дека немало да дојде до руската инвазија врз Украина во 2022 година, ако тој тогаш бил претседател на САД.
Претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта на заедничката прес-конференција со ирскиот премиер Мајкл Мартин во Даблин, прашан за коментар на ставовите на Трамп изјави дека сојузниците не смеат да се мешаат во внатрешната политика едни на други.
– Ние сме сојузници на САД и сојузниците мора да се однесуваат како сојузници. Тоа значи дека не треба да се мешаме во внатрешниот политички живот на нашите земји – рече Кошта.
Тој нагласи и дека ЕУ го почитува изборот на Американците, па затоа и тие мора да го почитуваат демократскиот избор на европските граѓани.
– Ние сме доволно силни сами да дефинираме што значи слобода на изразување и политичка слобода – додаде Кошта.
Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас оцени дека обвинувањата на Трамп се „упатени на погрешна адреса“.
Според неа, критиките за „распаѓање“ наместо кон ЕУ, треба да бидат упатени кон Русија, каде што „слободните медиуми, политичката опозиција и слободата на изразување се често ограничени“.
– ЕУ е суштината на слободата – изјави Калас, нагласувајќи дека, и покрај ова, Европа останува „најважниот сојузник на САД“.
Главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо изјави дека Европската Унија е многу среќна и благодарна што има одлични лидери.
– Почнувајќи од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на која сме навистина горди и која може да нè води во справувањето со предизвиците со кои се соочува светот. Исто така, имаме и многу други лидери на чело на 27-те земји членки кои се дел од овој европски мировен проект, кои нè водат во справувањето со сите предизвици со кои се соочуваме и кои покажуваат дека можат да бидат обединети – рече Пињо.
Според неа, така обединети лидерите на ЕУ успеваат успешно да ги надминат сите предизвици, почнувајќи од војната во Украина, преку трговијата, па до неодамнешната енергетска криза.
– Дозволете ми да ја искористам можноста да го повторам она што верувам дека е чувство на многу милиони граѓани на ЕУ дека сме горди на нашите лидери – додаде Пињо.
Лондонскиот градоначалник Садик Кан, коментирајќи ги критиките на Трамп на негова адреса, изјави дека Американци доаѓаат да живеат во Лондон затоа што со либералните вредности неговиот град е „антитеза на Трамповата Америка“.
– Очигледно, јас сум во мислите на претседателот – изјави Кан.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц не ги коментираше директно изјавите на Трамп, но се осврна на делови од новата Стратегија за национална безбедност на Американската администрациј. Во неа се изнесени слични оценки за ЕУ, дека европскиот континент е на „пат кон цивилизациско бришење“ и дека Унијата претставува „закана за демократијата“ и се повикува на „отпор од страна на европските нации кон моменталната траекторија на Европа“, за што се ветува и американска помош „за исправање“ на таа траекторија.
– Нешто од тоа е разбирливо, нешто е логично, но нешто од тоа е и неприфатливо за нас од европска перспектива. Не гледам потреба Американците сега да сакаат да ја спасат демократијата во Европа. Доколку треба да се спасува, ние сами би го направиле тоа – рече Мерц.
Тој додаде дека не е изненаден од општиот тон во Стратегијата и таа само ја потврдува неговата проценка дека ЕУ треба да стане многу понезависна од Вашингтон во однос на безбедноста и одбраната.
– Во моите разговори со Американците им велам: „Америка на прво место“ е во ред, но „Америка сама“ не може да биде во ваш интерес. Ви требаат и партнери во светот. Еден од тие партнери би можела да биде Европа – рече Мерц.
Трамп во интервјуто оцени дека ако ништо не се промени во Европа, многу европски земји „повеќе нема да бидат одржливи“.
– Нивната миграциска политика е катастрофа – изјави Трамп, додавајќи дека мигранти доаѓаат во Европа „од сите краеви на светот“ и тие „носат поинаква идеологија“, што европските земји „ги прави слаби“.
Според него, европските земји ги „уништуваат“ нивните лидери.
– Тие се љубезни луѓе, но се слаби – оцени претседателот на САД.
Трамп смета дека за Европа би било подобро доколку го следи примерот на американската миграциска политика.
– Во Европа, тие сакаат да бидат политички коректни и не ги враќаат (мигрантите). Не мислам дека знаат што да прават. Европа е уништена. Моите корени се во Европа и не ми се допаѓа да го гледам ова што се случува. Европа е одлично место, но тие едноставно примаат секого – изјави Трамп.
Тој, при тоа го нападна и градоначалникот на Лондон, Садик Кан.
– Видете го Лондон. Има градоначалник по име Кан. Тој е ужасен, лош и некомпетентен градоначалник. Тој има поинаква идеологија од онаа што треба да ја има, а беше избран само од дојденци – изјави Трамп.
На прашањето дали Европа и САД „можат да останат сојузници“, Трамп одговори: „Зависи“.
– Тие ќе ја променат својата идеологија поради луѓето што сега доаѓаат. Тоа ќе ги направи многу послаби и ќе биде поинаку – изјави Трамп.
Во интервјуто, американскиот претседател одговара и на прашања поврзани со Украина, при што вели дека инвазијата никогаш немало да се случи ако тој бил претседател на САД во 2022 година.
Според него, Украина „мора да соработува“ во однос на неговиот мировен план, кој, како што тврди, вклучува давање територијални отстапки кон Русија. Ваквиот став Трамп го правда со оценката дека Русија „во моментов несомнено има предност во војната“, а Украина изгубила „многу стратешка територија“.
Трамп вели и дека украинскиот претседател Володимир Зеленски би требало да се согласи во Украина да се одржат претседателски избори.
– Мислам дека е важно да се одржат избори. Тие ја користат војната како изговор да не одржат избори. Можеби Зеленски би победил. Не знам кој би победил. Но, тие немале избори долго време. Знаете, тие зборуваат за демократија, но во одреден момент, тоа веќе не е вистинска демократија – оцени Трамп.
Кога станува збор за европското учество во мировните преговори за Украина, Трамп оценува дека Европа само зборува, а не придонесува ништо.
– Тие не знаат што прават – вели Трамп.
Во врска со оценките во американската Стратегија за национална безбедност дека САД треба да помогнат Европа да се врати на „вистинската траекторија“, Трамп во интервјуто изразува попомирлив став, при тоа потврдувајќи ја својата поддршка за европски лидери од типот на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
– НАТО ме нарекува „тато“, па имам право на глас. Но, јас сакам да ги водам САД, а не Европа – додава Трамп.
Кога станува збор за НАТО, Трамп пак нагласи дека нема планови за повлекување на САД од Алијансата, но го повтори своето барање Европејците „да преземат поголема одговорност за сопствената одбрана“.