БРИТАНСКИ ВОЈНИК ЗАГИНА ВО ТРАГИЧНА НЕСРЕЌА ВО УКРАИНА Смртта не е последица на непријателски оган, потврди Лондон
Инцидентот се случил за време на тестирање на украинските одбранбени капацитети, а британските власти велат дека семејството е веќе информирано.
Припадник на британската војска загина во „трагична несреќа“ во Украина, соопшти Министерството за одбрана денеска во Лондон.
Инцидентот се случил за време на тестирање на украинските одбранбени капацитети, далеку од фронтовските линии. Според британски одбранбени извори, се верува дека смртта не е предизвикана од непријателски оган.
Велика Британија претходно призна дека во Украина има мал број британски воени лица кои обезбедуваат безбедност за британската дипломатска мисија и поддршка на украинските вооружени сили.
Devastated by the death of a UK service person in Ukraine.
My thoughts are with their family, friends and colleagues as they grieve for a loved one.
Our hearts go out to them. https://t.co/0Qww8P2u1h
— John Healey (@JohnHealey_MP) December 9, 2025
– Со длабоко жалење мораме да објавиме дека припадник на британските вооружени сили загина во Украина утрово, вторник, 9 декември. Тој беше повреден во трагична несреќа додека ги набљудуваше украинските сили како тестираат нова одбранбена способност, далеку од фронтовските линии. Семејството е информирано и нашите мисли се со нив во ова тажно и тешко време – изјави портпаролот на министерството за одбрана.
Ова е првата официјално потврдена британска воена жртва во Украина, потврдија извори за весникот „Телеграф“.
Не е јасно дали загинатиот припадник служел во британската армија, Кралските воздухопловни сили или Кралската морнарица, а Министерството за одбрана одби да даде дополнителни детали.
Се смета дека најмалку 40 британски државјани загинале борејќи се на украинска страна против Русија откако Владимир Путин ја започна целосната инвазија во 2022 година.