НИТУ ПЕДА! Зеленски не се откажува, ќе му претстави нов план на Трамп

Русија инсистира да се откажеме од територија, но не сакаме да се откажеме од ништо. Немаме законско право да го сториме тоа според Уставот, а ни морално не можеме, изјави украинскиот претседател по средбата со европските и лидерите на НАТО во Лондон во понеделникот, 8 декември.

1,390

Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека Киев не планира да отстапи ниту педа земја во новиот мировен план што треба да му биде претставен на Вашингтон. Според извори на Би-Би-Си, документот содржи целосно отфрлање на територијални компромиси и ќе биде испратен до Белата куќа во наредните денови.

„Немаме законско право да се откажеме“






Изјавата на Зеленски беше дадена во понеделник на состанок со европските и НАТО-лидерите во Лондон. Тој нагласи дека Украина нема ни морално ни законско право да се откаже од своите граници.

– Русија инсистира да се откажеме од територија, но не сакаме да се откажеме од ништо. Немаме законско право да го сториме тоа според Уставот, а ни морално не можеме – рече Зеленски.

Состанокот во Лондон, на кој присуствуваа британскиот премиер Сер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, беше протолкуван како демонстрација на западна поддршка за Украина во момент кога САД размислуваат за мировен план со делумни отстапки.

Донбас за Русија, Запорожје на два дела?

Првичната верзија на планот на САД имала 28 точки, но по реакциите од Киев и европските партнери е скратена на 20. Зеленски откри дека најчувствителните прашања се контролата врз Донбас и нуклеарната централа во Запорожје.

Протечена верзија на документот, поддржана од САД, предвидувала целосна руска контрола врз Донбас и поделба на енергијата од Запорожје меѓу двете земји.

Гаранции за мир, ама какви?

Европските лидери повторија дека секој мировен договор мора да обезбеди „праведен и траен мир“ и „силни безбедносни гаранции“ за Украина. Велика Британија и Франција предлагаат распоредување меѓународни сили на терен, додека Германија и Италија се воздржани. Деталите за можната форма на тие гаранции сè уште не се утврдени.

По средбата во Лондон, Зеленски отпатува во Брисел и Рим за да ги координира ставовите со европските партнери.

САД конструктивни, Зеленски главна пречка?

Москва ги нарече разговорите со САД „конструктивни“, но не даде индикации дека ќе се откаже од првичните цели од инвазијата во 2022 година.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Зеленски е „главната пречка за мирот“ и дека Русија е „задоволна со американскиот план“. Белата куќа не потврди дали украинскиот лидер навистина го прочитал предложениот документ.

Поврзани содржини