ЕВРОПСКАТА БЕЗБЕДНОСТ Е ЗАГРОЗЕНА Хрватскиот премиер повикува на брза одбранбена мобилизација

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Париз порача дека Европа мора да ја зајакне одбраната, да ја прилагоди индустријата на новите закани и да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност, со оглед на растечките закани и променетата глобална динамика.

96

Европа се соочува со најсериозна безбедносна криза по Студената војна и мора брзо да ја зајакне одбраната, порача хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во обраќањето во Париз, каде нагласи дека континентот се наоѓа на „историска пресвртница“ и дека институционалната и енергетската стабилност веќе не се подразбираат.

Пленковиќ, кој говореше на предавањето во Францускиот институт за меѓународни односи (IFRI) под наслов „Европа на крстопат: Потврдување на суверенитетот во свет во промена“, предупреди дека европската безбедност е загрозена, а дел од темелите на трансатлантските односи се нарушени.






Тој истакна дека агресијата на Русија врз Украина, растечките хибридни закани и забрзаното производство на оружје во Русија ја поставиле Европа пред најопасната безбедносна ситуација во последните децении. Според него, европската индустрија, залихите и воените инвестиции мора да се прилагодат на противник кој го ставил целото стопанство во функција на војната.

– Затоа Европа мора да ја прилагоди својата индустрија, залихи и инвестиции за да одговори на противникот кој своето стопанство го стави во служба на војната – рече Пленковиќ.

Хрватскиот премиер посочи дека неговата земја го зголемила одбранбениот буџет тројно во помалку од една деценија и дека до 2027 година ќе инвестира 2,5% од БДП во одбрана, додека до 2030 година таа бројка ќе достигне 3%. Тој подвлече дека Хрватска е меѓу водечките производители на „FPV“ дронови во светот и одржува тесна соработка со Холандија и Летонија во коалицијата за дронови.

Пленковиќ додаде дека хрватските компании контролираат околу 80% од глобалниот пазар за машини за далечинско разминирање, а Хрватска од 2022 година и помогнала на Украина со 317 милиони евра и примила 30.000 украински бегалци.

Говорејќи за Украина, тој ја оцени војната како „одлучувачки тест за европската безбедност“ и се заложи за праведен и одржлив мир, заснован на почитување на украинскиот суверенитет.

Пленковиќ се осврна и на новата стратегија за национална безбедност на САД, во која, според него, се забележува „промена во американската перцепција за својата улога во светот“, како и предупредувања за „цивилизациско пропаѓање на Европа“ и раст на крајната десница. Токму затоа, како што рече, Европа мора да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност, „не против САД, туку за стабилноста на трансатлантскиот простор“.

Во говорот тој подвлече дека проширувањето на Европската унија е геополитичка нужност и дека Хрватска продолжува силно да го поддржува вклучувањето на земјите од Западен Балкан, Украина и Молдавија, со посебен акцент на важноста на Босна и Херцеговина.

Поврзани содржини