НАЈМАЛКУ ЕДНО ЛИЦЕ ЗАГИНА ВО РУСКИТЕ НАПАДИ ВРЗ УКРАИНА Повредени 12 цивили, меѓу кои и деца
Два украински региона беа цел на ноќни дрон-напади, додека Зеленски денеска во Лондон разговара со европските сојузници за американскиот предлог за ставање крај на конфликтот.
Најмалку едно лице загина, а уште 12 се повредени во најновите руски напади со дронови врз Украина, соопштија денеска регионалните власти.
Во источниот регион Дњепропетровск, 51-годишен маж им подлегнал на повредите, а ранети се уште пет лица, меѓу кои и две деца – 13-годишно девојче и 14-годишно момче, информираа локалните институции.
Напади имало и во североисточниот регион Суми, каде што повеќекатна станбена зграда била погодена од дрон. Во овој инцидент се повредени седум цивили, соопштија официјални лица, пренесе ДПА.
Паралелно со ескалацијата на нападите, украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска се очекува да се сретне со европските сојузници во Лондон. Средбата ќе биде посветена на американскиот предлог за ставање крај на војната што Русија ја започна во февруари 2022 година.
Разговорите досега главно се водат меѓу претставници на Украина и САД, од една страна, и меѓу Вашингтон и Москва, од друга страна – без директно учество на европските партнери.