СКОРО 9.000 ТУРЦИ ЈА НАПУШТИЈА ЦРНА ГОРА ОТКАКО ДРЖАВАТА ИМ ВОВЕДЕ ВИЗИ Затворена 31 турска компанија
Црногорскиот министер за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ неодамна изјави дека верува оти турските граѓани наскоро ќе бидат ослободени од визи.
Од крајот на октомври, кога црногорската влада привремено воведе визи за турските граѓани, речиси 9.000 Турци ја напуштија државата, а во ноември во Црна Гора се затворени 31 турска компанија.
Причината за одлуката на црногорската влада да го укине безвизниот режим со Турција беше инцидентот што се случи на 25 октомври во подгоричката населба Забјело, кога со нож беше ранет жителот на Подгорица М.Ј.(25). Иако полицијата првично тврдеше дека во нападот биле вклучени државјани на Турција и на Азербејџан, подоцна се тврдеше дека жителот на Подгорица наводно го раниле двајца Азербејџанци.
По овој инцидент следуваа неколкудневни протести во повеќе градови, за време на кои беа запалени или искршени продавници во сопственост на Турци.
Министерството за внатрешни работи на Црна Гора соопшти дека од 27 октомври, кога црногорската влада воведе визи за државјаните на Турција, 8.935 турски државјани ја напуштиле Црна Гора. Медиумите, пак, објавија дека над 30 турски компании се затворени во текот на ноември, во просек по една секој ден.
И бројот на посети на Црна Гора од Турци е значително намален.
Турски државјани во Црна Гора досега регистрирале 2.140 правни лица, а најчестите дејности во кои работат се трговија на големо, градежништво, угостителство, консултантски услуги и изнајмување или лизинг на автомобили.
Од почетокот на оваа година, според Централниот регистар на Црна Гора, се избришани 234 турски фирми.
Црногорскиот министер за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ неодамна изјави дека верува оти турските граѓани наскоро ќе бидат ослободени од визи и истакна дека по неодамнешниот инцидент, безбедносните служби на двете земји ја интензивирале соработката.