📽️ АПОКАЛИПТИЧНО НЕВРЕМЕ ЈА ПАРАЛИЗИРА ГРЦИЈА Луѓето се спасуваат по покриви, чекаат чамци
Многумина побегнаа на покривите за да се спасат, додека земјоделците велат дека приземјата на куќите се поплавени до таванот, а поплавата однела машини, добиток и автомобили. Најранливите, претежно постари лица, чекаат да бидат евакуирани со чамци.
Бурата Бајрон го парализира поголемиот дел од Грција. Девет региони, вклучително и Атика, се под официјално предупредување за екстремни услови. Поплави, лизгања на земјиште и прекин на сообраќај се пријавени во повеќе подрачја.
На островот Закинтос, водата навлезе во патишта и обработливо земјиште, а сообраќајот меѓу Закинтос и Аликес е целосно прекинат. Во селото Литакија, земјата се лизга во насока на куќите. Властите ги повикаа жителите да не излегуваат, освен ако не е апсолутно неопходно.
Во Гитео, особено во селото Платанос, беше испратено итно предупредување. Водата влезе во куќи, уништи полиња и автомобили, а мртви животни пловат низ поплавените улици.
– Сцените се библиска катастрофа, целата населба беше под вода за неколку часа – изјавија мештаните за Прототема.
Многумина побегнаа на покривите за да се спасат, додека земјоделците велат дека приземјата на куќите се поплавени до таванот, а поплавата однела машини, добиток и автомобили. Најранливите, претежно постари лица, чекаат да бидат евакуирани со чамци.
Без електрична енергија и мобилна мрежа останаа стотици домаќинства. Наставата е прекината во училиштата на Родос, Тира, Тилос, Сими и Кастелоризо. Националната метеоролошка служба предупредува дека дождовите и бурата ќе продолжат до сабота, со ризик од град и ветрови со ураганска сила.