ФАЛСИФИКАТ АРИЕЛ ЗАПЛЕНЕТ ВО ТЕТОВО Царина спречи влез на 2 тони опасен прашок
Царинската управа спречи влез на 2.000 килограми фалсификуван прашок за перење со ризичен хемиски состав, кој бил наменет за увозник од Скопје.
Царинските службеници во Тетово спречија обид за криумчарење 2.000 килограми фалсификуван прашок за перење со ознаки на познатата марка Ариел, наменет за увозник од Скопје. Според Царинската управа, овој производ е особено ризичен затоа што непознатиот хемиски состав може да предизвика сериозни здравствени последици и да ја загадува животната средина.
Контролата била извршена на товар натоварен во Турција, по што цариниците посомневале во оригиналноста на производот. Одделението за нетарифни мерки и заштита на правата од интелектуална сопственост веднаш го известило правниот застапник на носителот на правата на брендот. Од таму било потврдено дека станува збор за фалсификат.
– Овој случај уште еднаш потврдува дека царината секојдневно спречува влез на небезбедни и штетни производи на нашиот пазар. Фалсификатите не се само економска закана, тие многу често се опасни по здравјето и животната средина – велат од Царинската управа.
Бидејќи сопственикот на правата дал согласност, стоката ќе биде уништена. По целосното спроведување на постапката, против сторителот ќе биде поднесена соодветна пријава.