„ДЕЛ ОД ОДГОВОРНИТЕ ЗА ПОЖАРОТ НЕ СЕ ВО ОБВИНЕНИЕТО“ Димитровски вели дека е единствениот што побарал да не се издава дозвола за работа на „Пулс“
Бранителката на поранешниот градоначалник на Кочани Ратко Димитровски истакна дека општината не е надлежна за лиценците и за контрола на дискотеките, обвинетиот не одобрил пренамена на објектот, немал ингеренции да контролира дали се применува пиротехника, па не може да биде виновен за делото што му се става на товар.
Поранешниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитровски не само што немал намера или умисла за делото што му се става на товар за трагедијата во дискотеката „Пулс“, туку бил единствениот кој реагирал и поднел барање до надлежните да не се издаде дозвола за работа, односно лиценца, за дискотека или кабаре, уште пред објектот да започне со работа, истакна неговата бранителка Ангела Соколова во воведниот збор. Според одбраната на Димитровски, обвинението за Тешки дела против општата сигурност е преседан во правната практика, особено во делот на утврдување на причинско-последичната врска.
Соколова на почетокот изрази сочувство на семејствата на жртвите и порача дека сите очекуваме вистинска правда, но притоа, никој што е виновен да не избегне прогон и никој да не биде неправедно осуден.
– Ќе докажеме дека обвинетиот не е виновен за делото што му се става на товар. Ниту едно постапување на обвинетиот во периодот од 2012 до 2017 може да се граничи дека доколку било преземено ќе спречело настанување на последицата. Ништо не може да се подведе под теорија на каузалитет – рече Соколова.
Според неа, се поставува и прашањето дали може да постои соизвршителство во ситуација кога обвинетиот бил градоначалник од 2012 до 2017 година, а другите двајца обвинети градоначалници биле на функцијата после него.
– Факт е дека кај Ратко Димитровски немало намера и умисла. Тој е единствениот човек што пријавил до надлежните институции и поднел барање за неиздавање дозвола за работа на дискотека или кабаре. Во 2012 година општината не дозволила пренамена на паркингот и поднела барање до ДПИ да не се издава дозвола. Останува прашањето зошто ваквото барање останало занемарено, иако тоа што го напишал Ратко Димитровски уште пред да почне со работа дискотеката никогаш не го отповикал како барање – рече Соколова.
Ќе докажеме, нагласи таа, дека наводното непостапување, односно тоа што не побарал градежна инспекција, не може да биде причина за настанување на последицата.
– Општината не е надлежен орган за издавање лиценца за дискотека и нема никаква надлежност за контрола на вакви објекти. Обвинетиот не одобрил никаква пренамена на објектот и во неговиот мандат не е промената намената, што значи доследно е почитуван деталниот урбанистички план. Како градоначалник немал ингеренции да контролира како и кој влегува и дали се применува пиротехника и ги немал надлежностите на останатите институции. Со сигурност ќе докажеме дека Ратко Димитровски немало може да биде виновен за делото што му се става на товар – изјави Соколова.
Ратко Димитровски, на почетокот во својот воведен говор изрази сочувство до семејствата на загинатите, а на повредените им посака побрзо заздравување.
– Изненаден сум и никогаш не сум помислил дека ќе застанам на обвинителна клупа за нешто што единствено јас пред 13 години сум бил против. Знам дека е во ред дел од граѓаните да ме гледаат како градоначалник од една политичка партија, но никако не е во ред да ме гледаат со презир. Оваа конструкција на обвинение е на моја штета и на штета на моето семејство, но и на штета на оштетените, зошто каква правда може да се добие, ако се обвинуваат луѓе што не се виновни. Не може да има правда со заменски обвинети. Не може некој невин да го носи товарот наместо вистинскиот одговорен – рече Димитровски.
Ексградоначалникот пред судот откри дека во октомври 2012 година, уште пред дискотеката официјално да почне со работа, испратил допис до Министерството за економија барајќи информации за дозволата на објектот.
– Кога дознав дека ќе се отвора дискотека, на 19.10.2012 година се обратив до Министерството: „Ве молиме да нè информирате дали му е издадена или ќе му биде издадена дозвола за тој објект“. Јас сум единствен во Македонија кој го направил тоа, иако сум немал надлежност. На тој допис до денес немам добиено одговор – изјави тој.
Тој додаде дека на 5 ноември 2012 година општината официјално го информирала сопственикот Дејан Јованов дека парцелите во близина на објектот не можат да се користат како паркинг, бидејќи тоа не е предвидено со важечкиот детален урбанистички план.
Димитровски истакна дека во целиот процес има пропусти и дека дел од одговорните лица не се опфатени со обвинението.
– Каква правда може да се очекува ако се изостави и само еден човек кој требало да биде обвинет, а се обвинуваат луѓе кои не се виновни – рече Димитровски пред присутните во судницата.
Тој потенцира дека кога државен орган нешто одобрува, градоначалникот и општината немаат надлежност тоа да го контролираат и да го проверуваат.
– Во овој случај целата постапка за издавање лиценца се води пред државен орган и тие не ѝ одговараат на локалната самоуправа и општината нема никакви ингеренции. Нека се откаже државата со закон од овие ингеренции, а не да се свртува внимание со лажни обвиненија. Единствен во државата сум реагирал и сум барал да не се даде дозвола, а по 13 години институционален молк, сега да сум од оваа страна, а не како јавност. Со ваквото обвинение испаѓа дека јас сум требал да ги преземам надлежностите и да постапувам наместо МВР, Дражвниот пазарен инспекторат, Дирекцијата за заштита и спасување, Државниот градежен инспекторат. Зошто на локалните градежните инспектори не им било укажано нешто од Државниот градежен инспекторат? Како можеше да се исконструира вакво обвинение – рече ексградоначалникот Ратко Димитровски во својот воведен говор.
Тој побара Обвинителството да го повлече обвинението „за да спречи идни неправди“.