ТРГНАЛ СО ЧАМЕЦ ПО РИБА, ГО РАКЕТИРАЛЕ АМЕРИКАНСКИ АВИОНИ Колумбиско семејство ги тужи САД за убиство

Вдовицата Катерине Ернандес, изјави дека нејзиниот сопруг Алехандро, татко на четири деца, бил „добар млад човек“, кој немал никаква врска со шверц на дрога и работел исклучиво како рибар.

241

Семејството на колумбиски рибар убиен при американски воздушен удар насочен кон наводни шверцери на дрога во Карипското Море поднесе тужба против САД пред Меѓуамериканската комисија за човекови права (Inter-American Commission on Human Rights) со седиште во Вашингтон, објави Франс прес, која имала увид во документот, пренесува БТА.

На 15 септември Алехандро Каранса тргнал на риболов на отворено море од Санта Марта, а неколку дена подоцна бил пронајден мртов, соопшти претходно неговото семејство.






Американските вооружени сили значително го зголемија своето присуство во Карипскиот басен, објаснувајќи го тоа со борбата против шверцот на дрога, со фокус врз Венецуела, чиј претседател Николас Мадуро е обвинет од Вашингтон дека води наркокартел.

Од почетокот на септември, американските сили извршиле напади врз повеќе од 20 пловни објекти во Карипското Море и во Пацификот, при што биле убиени најмалку 83 лица, без да бидат презентирани докази дека бродовите биле вклучени во трговија со дрога. Експерти и ООН ја доведоа во прашање законитоста на овие операции.

Во тужбата се наведува дека „знаеме дека Пит Хегсет, секретар за одбрана на САД, е одговорен за наредбата за воздушните удари врз чамци како оној на Алехандро Каранса Медина и за убиството на сите лица во нив“. Ова е првата официјална жалба поднесена до меѓународен орган по ова прашање.

Во истата тужба се истакнува дека „претседателот на САД, Доналд Трамп, ги одобрил дејствата на својот министер“.

Ден Ковалик, адвокат на колумбискиот претседател Густаво Петро во САД, е и правен застапник на семејството Каранса. Тој лично ја поднел тужбата пред Меѓуамериканската комисија за човекови права.

Во интервју за АФП во октомври, вдовицата на рибарот, Катерине Ернандес, изјави дека нејзиниот сопруг, татко на четири деца, бил „добар млад човек“. Таа нагласи дека немал никаква врска со шверц на дрога и дека работел исклучиво како рибар.

Претседателот на Колумбија, Густаво Петро, им вети поддршка на блиските и ги опиша нападите како „вонсудски егзекуции“.

Американскиот секретар за војна Пит Хегсет вчера ги бранеше воздушните операции против пловила наводно поврзани со нарко-шверцери, истакнувајќи дека тие „се само почеток“.

Коментарите на Хегсет доаѓаат откако тој се соочи со двопартиски критики поради извештаите дека американската војска убила двајца преживеани од претходниот напад врз чамец осомничен за пренесување дрога во Карипското Море во септември.

Белата куќа призна дека бил нареден втор напад врз чамецот што веќе бил погоден од војската во Карипското Море, а Еј-Би-Си њуз посочи дека како резултат на тоа биле убиени преживеаните од првичниот напад.

Изјавата на Хегсет дојде само неколку дена откако Си-Ен-Ен и други медиуми објавија дека таканаречениот „двоен напад“ (double-tap strike) во септември ги убил преживеаните од првичниот напад врз наводниот брод со дрога, покренувајќи прашања дали вториот напад претставува воено злосторство.

Поврзани содржини