„ЗАЕВ Е ЖИЛАВ, МОРА ДОЛГО ДА СЕ ДИНСТА – ГОТВЕТЕ СО МИЦКОСКИ“ На ограбениот народ не му е смешен вицот на кловновите од СДСМ, реагира ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ смета дека соопштението на СДСМ е на ниво на состојба која е надвор од сферата на политиката, а повеќе во сферата на душевното здравје на авторите, кои од ноторни криминалци прават жилави луѓе и жртви, соопшти владејачката партија.
СДСМ е трагедија на македонското општество, реагира владејачката ВМРО-ДПМНЕ на невкусното соопштение од опозициската партија насловено „Гответе со Мицкоски“, во кое се зборува за динстан и мариниран Зоран Заев.
„ВМРО-ДПМНЕ смета дека соопштението на СДСМ е на ниво на состојба која е надвор од сферата на политиката, а повеќе во сферата на душевното здравје на авторите, кои од ноторни криминалци прават жилави луѓе и жртви. На народот ова соопштение не му смешно, ниту интересно. Затоа што токму тој народ е ограбен и неговата доверба е злоупотребена од страна на паланечки интриганти и лопови кои ја користеа политиката за свои цели, за сега нивните платеници да раскажуваат вакви неинвентивни вицови и да сметаат дека којзнае што кажале“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Тој ментален склоп и тој систем кој тие го имаат создадено е трулежот на македонското општество, се додава во соопштението.
„И колку и да глумат кловнови со вакви соопштенија (жалиме за реториката, но посоодветен термин не можеме да најдеме), сепак нема да може да избегаат од својата одговорност за сите свои злодела. Убедени сме дека оваа реакција или ја пишувал лично Зоран Заев или некој кој им е на платен список и сака да им испадне интересен и се адаптира на нивниот систем на вредности и хумор кој е разбирлив за одредена категорија на луѓе. Но, и друг да ја пишувал, убедени сме дека ја одобрил директно Зоран Заев. Филипче не го ни прашале за реакцијава“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Опозициската СДСМ денеска соопшти дека објавува „рецепт за лага од кујната на ВМРО-ДПМНЕ, долго готвена ИПАРД каша“, во кој состојки се еден Зоран Заев и еден Венко Филипче, прстофат поранешен министер на СДСМ“. Во рецептот се наведува дека Заев е жилав и мора долго да се динста, оти тој го турнал режимот и ја внел Македонија (нема Северна) во НАТО, па тоа барало долго динстање. А Венко бил дополнителен проблем, оти бил прилично нов и свеж, па мора да се измеша со нешто долго динстано, на пример, со претходно мариниран Заев!