СЕНЗОРИ ЌЕ ЈА ЛОВАТ БУЧАВАТА Општина Центар започна со современо решение за квалитет на живеење

Градоначалникот Горан Герасимовски открива дека 19 од 30-те дигитални сензори веќе се инсталирани на критични локации низ Центар, а системот ќе обезбеди континуирано следење и алармирање при прекумерна бучава.

0

Општина Центар започна со поставување на 30 дигитални уреди за мерење на бучавата на најфреквентните локации во градот, со цел континуирано следење на нивото на звук и обезбедување податоци за брзо и ефективно постапување. Според градоначалникот Горан Герасимовски, 19 од овие уреди веќе се инсталирани.

– Во програмата јасно ветивме дека ќе воспоставиме смарт систем за мерење на бучавата. На терен веќе е започнато поставување на мерните единици на 30 локации низ Општина Центар. Овие сензори континуирано ќе ја следат бучавата и ќе алармираат секогаш кога ќе биде над дозволеното ниво. Со ова прецизно ги мапираме најгорливите точки, а истовремено ќе обезбедиме материјал на нашите инспекциски служби за постапување – истакна Герасимовски.






До сега уредите се поставени во Дебар Маало, на улиците Орце Николов, Мирослав Крлежа и Отон Жупанчиќ, како и на Боемска 1 и Боемска 2. Во следните месеци, системот ќе се прошири со дополнителни уреди на улицата Ленинова, во населбите Капиштец и Буњаковец, на Кеј 13 Ноември, кај Старата железничка станица и на Кале. Целта е да се покријат сите критични зони погодени од прекумерна бучава и да се обезбеди подобар квалитет на живеење за граѓаните.

Проектот е прва фаза од пошироката стратегија на Општина Центар за континуирано следење и намалување на бучавата, со користење на современ софтвер кој овозможува точни мерења во реално време. Општината најавува дека јавноста ќе биде редовно информирана за следните активности и дека ќе се воведуваат современи решенија за трајно справување со овој урбан проблем.

Поврзани содржини