АКО НЕ ЈА ПЛАТАТ КАЗНАТА, СТРАНСКИТЕ ВОЗИЛА НЕ ЌЕ МОЖЕ ДА ВЛЕЗАТ ВО МАКЕДОНИЈА Се размислува дали казнувањето да се премести за од 1 февруари
Можеби граѓаните ќе оценат дека е потребно уште еден месец за адаптација, можеби ќе продолжиме уште месец дена плус, со цел да го допровериме и да се осигураме граѓаните да бидат целосно запознаени - рече Тошковски.
Странските возила кои ќе направат сообраќаен прекршок во земјава нема да бидат задржани при излез од државата, но возачите ќе добијат официјално известување дека нема да можат повторно да влезат на македонските граници доколку не ја подмират казната, изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, објаснувајќи како ќе функционира новиот модел на санкционирање на лицата со возила со странски таблички.
– Странските возила нема да бидат исклучени од имплементирање на „Безбеден град“. Имаме утврдено правила и процедури како ќе се констатира прекршокот и како ќе се наплати. Странските возила при излез од Македонија не може да бидат спречени да ја излезат – тоа е законски уредено и не може поинаку. Но ќе бидат информирани дека нема да им биде дозволен повторен влез во Македонија доколку не ја платат соодветната казна за прекршокот што го сториле. Работна група составена од експерти го разгледа и ова прашање, и верувам дека понудивме соодветен одговор. Мислам дека за сите дилеми дадовме јасно образложение – рече Тошковски.
Министерот рече дека доколку биде потребно, примената на овој систем ќе отпочне од 1 февруари, со цел да има целосна имплементација.
– Целта е од 1 јануари 2026 да се започне со имплементација. Размислуваме дали тоа да биде на 1 јануари или на 1 февруари, поради тоа што не сакаме да наметнеме решение кое нема да биде подготвено за имплементација. Можеби граѓаните ќе оценат дека е потребно уште еден месец за адаптација, можеби ќе продолжиме уште месец дена плус, со цел да го допровериме и да се осигураме граѓаните да бидат целосно запознаени – рече Тошковски.
Изминатиот период претставници од МВР и Министерството за транспорт, заедно со други институции, интензивно работат на ревидирање на сите постоечки патишта низ земјава, на кои ќе бидат лоцирани безбедносните камери.
Вчера официјално почна пробниот период на проектот „Безбеден град“, кој ќе трае еден месец. Во овој период нема да се изрекуваат казни, но камерите низ Скопје веќе снимаат и ги регистрираат сите сообраќајни прекршоци.