НА КОРИДОРОТ 10 СЕ ВОВЕДУВА ИНТЕЛИГЕНТЕН ТРАНСПОРТЕН СИСТЕМ За една година сообраќајот ќе може да се следи од минута во минута

Министерот за транспорт и врски Александар Николоски рече дека проектот се реализира заедно со Светска банка која даде грант за системот на Кородорот 10 од околу 13 милиони евра што е 60% инвестицијата во проектот.

354

Безбедноста на сообраќајот е заедничка одговорност и нашите активности мора да бидат координирани, системски и засновани на современи стандарди, порача денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, на отворањето на Националната конференција за безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа, што се одржува денеска во Скопје.

Патната инфраструктура што ја креираме, Николоски рече дека мора да биде безбедна по дизајн со цел да ги минимизира ризиците и да понуди услови за безбедно движење за сите.






Николоски на конференцијата ги наброја стратешките проекти на Министерството за транспорт во насока  на постигнување безбедност во сообраќајот, посочувајќи дека во Националната транспортна стратегија 2018–2030 поставена е амбициозна цел  за намалување на бројот на загинати лица на патиштата за 50% до 2030 година.

Се унапредува, како што рече, националната регулатива за безбедни патишта преку измена на законски решенија и утврдување и ознака на црните точки, се соработува со општините за развој на локални проекти, а меѓу останатото изработен е Правилник за велосипедска инфраструктура.

Николоски најави дека следната година на Коридор 10 треба да се примени Интелигентен транспортен систем за што веќе завршува тендерот, како и дека се работи на слична апликација за  таков систем  на Коридор 8. Светска банка даде грант за системот на Кородорот 10 од околу 13 милиони евра што е 60% од инвестицијата во проектот.

– Светска банка го работи тендерот за изведувач на системот на Коридорот 10. За година до година и половина ќе имаме целосно дигитализиран хајтек автопат од Табановце до границата со Грција. Нешто што ќе помогне во безбедоста на сообраќајот. По завршување на системот ќе се следи сообраќајот од минута во минута на Коридорот 10, а институциите ќе можат да реагираат на одредени неправилности на автопатот – рече Николоски.

Тој додаде дека сите активности за реконструкции на патиштата бараат време и пари.

– Сето ова бара многу време, посветеност и финансии, но најважно од се е координација и пред се подобрување на  културата кај граѓаните, се соочуваме со феномен со кој сите се за почитување на законот се додека законот не се однесува на нив – рече Николоски.

Тој апелира сите да се насочат кон долгорочни цели и истакна дека спасувањето на човечките  животи нема цена.

Конференција продолжува со обраќања на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски  и директорот на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата Горан Ангеловски.

Поврзани содржини