ЕРБАС ПРАВИ СЀ ДА НЕ СЕ ПОВТОРИ ИНЦИДЕНТОТ Над 5.900 авиони А320 добија важни модификации за контрола на летот
Ажурирањата се извршени на повеќе од 5.900 авиони ширум светот, а преостанатите под 100 авиони ќе бидат модифицирани во соработка со компаниите.
Илјадници авиони „Ербас А320“ низ светот добија софтверски ажурирања поради опасност од оштетување на критичните податоци за контролните системи предизвикани од интензивно сончево зрачење.
Компанијата Ербас, со седиште во Тулуз, започна масовна акција за модификации по инцидентот на крајот на октомври, кога авион на американската авиокомпанија Џетблу бил принуден да изврши итно слетување поради ненадејно губење на надморската височина,
Од вкупниот број од околу 6.000 авиони кои биле потенцијално загрозени, големо мнозинство веќе добиле потребните софтверски ажурирања, соопшти Ербас. За помалку од 100 преостанати авиони, компанијата работи во тесна соработка со авиокомпаниите за да се осигури дека ќе можат безбедно да продолжат со летови.
„Работиме со нашите клиенти за да ја поддржиме модификацијата на преостанатите авиони и да се осигуриме дека сите летови ќе бидат безбедни“, истакнуваат од Ербас.
Според Европската агенција за безбедност на воздухопловството (ЕАСА), инцидентот на 30 октомври вклучувал авион на Џетблу кој морал итно да слета поради проблеми со контролата на летот. Поради ова, на погодените авиони не им е дозволено да полетуваат без извршени модификации.
Глобалната директива за ажурирање на софтверот, сепак, има минимално влијание врз сообраќајот на летови, бидејќи многу авиокомпании веќе ги извршиле потребните надградби.
Нискобуџетната авиокомпанија Изиџет соопшти дека успешно ги завршила сите ажурирања на софтверот на своите авиони Ербас А320.
– Оваа работа беше завршена без никакво нарушување на нашата програма за летање – изјави извршниот директор Кентон Џарвис, нагласувајќи дека сите авиони се целосно подготвени за летови.