ПО ФОТОГРАФИЈАТА СО НАСЕР ОРИЌ, АЦА ЛУКАС НЕ Е ДОБРЕДОЈДЕН ВО РЕПУБЛИКА СРПСКА Откажан концертот за отварањето на ски-сезоната на Јахорина

Тоа е толку бесмислено, а на крајот на денот јас не сум воен злосторник, туку почесен војник на Армијата на РБиХ кој беше ослободен од сите обвиненија во Хаг, објави поранешниот воен командант на Армијата на БиХ, Насер Ориќ, по реакциите за неговата фотографија со популарниот српски пејач.

170

Откажан е концертот на српскиот пејач Аца Лукас што требаше да се одржи на 12 декември во Олимпискиот центар во Јахорина поради фотографијата на која популарниот српски пејач е во друштво на поранешниот воен командант на Армијата на БиХ, Насер Ориќ.

„Фотографијата предизвика загриженост и возбуда кај јавноста во Република Српска. Јавноста ќе биде навремено информирана за новиот изведувач кој ќе настапи наместо најавениот, додека сите други програми во рамките на скијачкото отворање ќе бидат реализирани според планот“, се вели во соопштението на Олимпискиот центар.






Бурни реакции

Насер Ориќ објави на 29 ноември на Фејсбук објави фотографија на која седи на вечера со Аца Лукас и со други двајца мажи.  Фотографијата предизвика бурни реакции. Го вознемири претседателот на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) и до скоро  претседател на Република Српска, Милорад Додик.

„Аца Лукас длабоко нè повреди сите нас во Република Српска со поврзувањето со Насер Ориќ. Злосторствата што Насер Ориќ и неговите војници ги извршија против српскиот народ во областа Сребреница и Братунац беа монструозни, и затоа Лукас, фотографирајќи се со него, длабоко ги повреди потомците на жртвите и српскиот народ. По овој чин, Аца Лукас го изгуби кредибилитетот за каков било иден настап во Република Српска, особено на отворањето на зимската сезона во Јахорина“, напиша Додик на Икс.

Кој е Насер Ориќ?

 

Насер Ориќ е босански воен командант кој ја предводеше одбраната на енклавата Сребреница за време на војната во Босна и Херцеговина. За Босанците, тој е симбол на одбраната на Сребреница од српските сили до нејзиниот пад во јули 1995 година.

Во исто време, Србите го сметаат за одговорен за злосторствата врз српските цивили во околните села во текот на 1992 и 1993 година.

Тој беше обвинет за воени злосторства врз Србите пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг, но беше ослободен во 2008 година. Судот заклучи дека, иако злосторствата беа извршени, не е докажано дека Ориќ лично ги наредил или можел да ги спречи.

Подоцна беше уапсен во Швајцарија по српска потерница, но беше ослободен од сите обвиненија по судењето во Босна и Херцеговина.

Ориќ: Јас сум чесен војник кој е ослободен од сите обвиненија

Во интервју за Аваз вчера Ориќ го бранеше Лукас.

– Гледам дека сега го претвораат човекот во предавник. Беа кренати куки и мотики, а јас му се приближив и го замолив за фотографија. Верувам дека тој дури и не знаеше кој сум. Тоа е толку бесмислено, а на крајот на денот јас не сум воен злосторник, туку почесен војник на Армијата на РБиХ кој беше ослободен од сите обвиненија во Хаг – рече Ориќ.

Тој нагласи дека немал лоша намера и дека фотографијата е направена на забава во куќата на заеднички пријател.

– Го сакам Аца, ја почитувам неговата работа и неговите песни, едноставно сакам да го слушам човекот како пее и тоа е сè. Гледам дека и Додик се огласи и бара на Аца да му се забрани учество на концертот. И Додик знае дека јас бев добар за него и му се јавив кога му требав. Тој многу добро знае за што зборувам – тврди Ориќ.

Лукас: Додик постојано бараше моја поддршка

Лукас се огласи на Инстаграм по веста за откажувањето на концертот.

„Никогаш не побарав поддршка од Милорад Додик! Тој го направи тоа неколку пати, и ја доби! Жал ми е што Миле денес е само претседател на една партија. Не ги делам луѓето по националност, религија или по боја на кожа, а најмалку од сè, не ги прашувам моите обожаватели кои доаѓаат да се сликаат со мене за нивните лични карти за да ги знам нивните имиња“, напиша Лукас.

Никогаш не учествував во ужасите на војната, додаде тој.

„Никогаш не учествував во поделбата на луѓето и на земјите затоа што ги сакам сите луѓе на светот! И во секој агол од планетата каде што пеев, бев достоен претставник на мојот народ и на сите други народи на Балканот“, објави Лукас.

Поврзани содржини