ДАЛИ ВО АФЕРАТА БИЛ ВКЛУЧЕН И ЉУПЧО НИКОЛОВСКИ? Каде „испари“ жито вредно 800.000 евра и кој профитирал?

Петмина службени лица осомничени за незаконски отпис на 2.000 тони пченица и јачмен, од ВМРО-ДПМНЕ бараат одговорност и целосно расчистување на аферата.

1,138

Аферата со државните стокови резерви повторно ја отвори темата за одговорност во институциите, откако во истрагата беа опфатени пет службени лица, меѓу кои и Трајан Димковски, поранешен министер, заменик министер и шеф на кабинет во владини структури.

Според информациите, тие се сомничат дека овозможиле незаконски отпис на 2.000 тони пченица и јачмен вредни речиси 800.000 евра.






Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека случајот ја покажува, како што велат, „длабоката криминогеност на кадровите од СДСМ“.

– Ова е пример како личниот интерес бил ставен пред интересот на граѓаните. Да се отпише лебот на народот е чин кој не смее да се повтори – велат од партијата.

Според истрагата, Димковски до Владата доставил записник во кој прикажал „кусок“ за период од 2007 до 2021 година, по што владини претставници го усвоиле заклучокот на седница.

Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека тие биле свесни дека овој период не може да се земе како основа, бидејќи во 2019 година била направена целосна обнова на резервите.

– Пченицата била употреблива и не смеела да биде отпишана. Очигледно е дека кусокот настанал во периодот 2019–2021 година, токму во време кога цените на храната енормно растеа – додаваат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат дали исчезнатите количини завршиле на црниот пазар во соседни држави и дали, како што тврдат, од тоа имало профит и во други структура на власта.

– Јавноста заслужува да знае каде завршиле 2.000 тони жито. Тука не може да има компромиси, секој што профитирал врз грбот на граѓаните мора да одговара – порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека очекуваат брза и транспарентна истрага.

Поврзани содржини