МАКЕДОНИЈА ЌЕ НАБАВИ НАЈМАЛКУ 5 ЕЛЕКТРИЧНИ ЛОКОМОТИВИ ЗА КАРГО ПРЕВОЗ Николоски откри и уште една важна новост
Владата обезбедила средства за набавка на најмалку 5 нови електрични локомотиви со кои ќе може да се опслужи целокупнит карго превоз во Македонија, откри министерот за транспорт и вицепремиер Александар Николоски. Тој информира и дека МЖ Транспорт е пред потпишување договро со австриската железница ОБВ во делот на карго превоз каде наши локомотиви и вагони ќе се користат за транспорт од Пиреа до Виена.
Обезбедивме средства од Европската банка за обнова и развој со кои ќе набавиме најмалку 5 нови електрични локомотиви, модернизирање на Македонски Железници со кои ќе можеме да го опслужиме целиот карго превоз во земјава, истакна на денешната седница за пратенички прашања во Собранието, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
– Во соработка со Европската банка за обнова и развој, обезбедивме средства во висина од речиси 21 милион евра со кои треба да купиме најмалку 5 нови електрични локомотиви. Знаете дека минатата година кога беше формирана оваа Влада, имавме за жал нула активни локомотиви, а сега имаме 11, од кои што 4 се понови, а 7 постари. Со 9 локомотиви кои би биле електрични, ќе можеме целокупниот карго превоз да го опслужиме, се надевам веќе од 2028 година, затоа што рок на испорака на овие локомотиви е во 2 години, а она што го имаме најава од ЕБОР е дека март месец следната година веќе ќе можеме да го видиме повикот објавен – истакна од собраниската говорница вицепремиерот Николоски.
Карго од Пиреа до Виена, бенефит за Македонски Железници
Вицепремиерот соопшти уште една новина, а тоа е потпишување на договор помеѓу Железници Транспорт и железници на Австрија, соработка која ќе донесе огромен финансиски бенефит за МЖ Транспорт.
– Македонски железници-транспорт и Желзници Австрија се пред потпишување на договор со кој наши локомотиви ќе се користат за карго превоз кој што треба да оди од Пиреа, Атина до Виена. Тоа го договоривме со претставниците на Владата на Австрија, а сега веќе комуницираат двајцата директори – додаде Николоски.
Единствено решение за Коридор 10
За изградбата на брзата пруга на Коридорот 10, Николоски вели дека, ќе се оди со единствено решение што ќе опфаќа проектирање и градба во исто време, така што целокупната одговорност ќе биде на оној што ќе биде избран за изведувач и државата нема да има ризик од одлагање на роковите и од непотребни додадени трошоци.
Одговарајќи на прашање од пратеникот Благој Бочварски од СДСМ кои се роковите за изградбата на брзата пруга на Коридор 10, Николоски рече тоа што дополнително е многу битно е што услов во однос на изборот на финансиска куќа што ќе го поддржува проектот е кредитот да почне да се враќа во моментот кога проектот ќе биде предаден, односно грејс периодот да биде најмалку ист со рокот за градба.
– На тој начин финансиската инстутуција, која што ќе го прати проектот, да врши притисок на изведувачот побрзо да ја заврши работата, што мислам дека е многу битно да немаме одлагања, кои што се, инаку многу чести во големите инфраструктурни проекти – изјави Николоски.
Избрана е компанија што ќе го подготви проектот
Во однос на активностите, Николоски рече дека по препорака од Институтот за финансиска поддршка на Обединетото Кралство веќе е одбрана компанија ИРМ која што веќе активно работи на терен на подготовка на проектот.
– Активности како булдожери на терен, очекувам тоа да биде зависно од динамиката, помеѓу летото и есента следната година. И, од тој момент пет години ќе е рокот за завршување, така што, очекувам летото 2031 година да биде целосно завршен – изјави вицепремиерот и министер за транспорт, посочувајќи дека станува збор за дупла пруга, и наша цел е едната линија за карго транспорт да биде готова до 2028 година.