УШТЕ ЕДЕН АВИОН СЕ ПРИКЛУЧУВА НА ФЛОТАТА НА „ВИЗЕР“ ВО СКОПЈЕ Базата по три недели ќе располага со 6 авиони

Авионот Airbus A321neo, кој ќе лета од Скопје е најдобриот авион во светот и најбараниот авион од страна на авиокомпаниите. 

171

За околу три недели во базата на „Визер“ во Скопје ќе пристигне уште еден, шести авион. Исто така, компанијата ја менува, односно осовременува флотата со авиони со понова технологија и со поголеми авиони, со повеќе седишта.

Ова го потврди извршниот директор на „Визер“ Јозеф Варади за МИА.






– Скопје ќе ја добие најдобрата и најсовремената технологија што и е достапна на компанијата. Авионот А321 нео, со кој работи „Виз Ер“ во моментот е најдобриот авион во светот и најбараниот авион од страна на авиокомпаниите.  Скопје ќе има можност да го користи – вели тој.

Варади  истакнува дека компанијата има добри резултати во земјава. Смета дека повеќето од рутите што ги опслужуваат се релевантни за потребите на потрошувачите и нагласува дека се обидуваат да разберат каде сакаат луѓето да патуваат. Во основа, како што потенцира, разгледуваат три сегменти.

-Секако, со оглед на историјата на земјата, имате многу дијаспора. Македонците кои живеат во странство сакаат да се поврзат со татковината. Второ, Македонија станува сè порелевантна за туристички цели, за патниците. Значи, сакаме да се осигураме дека ќе создадеме инфраструктура, врска, поврзаност за зголемување на туризмот, тука во Македонија. И трето, како што расте средната класа, луѓето имаат повеќе пари за трошење и сакаат да поминуваат време на семејни одмори, да посетуваат градови итн. Значи, се обидуваме да обезбедиме инфраструктура и за тие цели – вели Варади.

Целта, додава, им е да продолжат да го раздвижуваат пазарот со нови можности и нови линии, но и да се осигурат дека постојните линии имаат почести летови, повеќе седишта, па флотата од авиони со 180 седишта ќе стане флота од авиони со 239 седишта.

Поврзани содржини