СТУДЕН БРАН ДО НЕДЕЛА Дожд во градовите, снег на планините, УХМР предупредува

Од недела следува стабилизација на времето со студени утра и појава на магла во котлините.

181

До недела земјава ја очекува период на нестабилно време со дожд и снег на планините, предупредуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Најинтензивни врнежи се очекуваат во петок, особено на истокот, каде локално може да наврнат и над 35 литри дожд на метар квадрат за 24 часа.

Во планинските региони врнежите ќе бидат претежно од снег, а на повисоките места е можен дожд помешан со снег. УХМР најавува и умерен до засилен северен ветер, кој периодично ќе го засилува чувството на студ.






Во сабота се задржува постудено време, со услови за слаб снег на високите места и планините, но без позначајни врнежи.

Од недела следува стабилизација на времето. Утрото ќе биде студено со ниски температури, додека дневните ќе растат. Во дел од котлините се очекува појава на магла, особено во раните утрински часови.

УХМР: Водостоите се зголемуваат, најризични Струмица и Гевгелија

Во јужните и источните делови на земјава денес се очекува значително зголемување на водостоите поради продолжените врнежи од дожд, предупредуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). На повисоките места и планините врнежите ќе преминуваат во снег поради заладувањето, што дополнително ќе го оптовари теренот.

Најкритична состојба се очекува во сливот на реката Струмица, каде водостоите на притоките и суводолиците веќе се во пораст, а особено ризичен е долниот тек поради можни заезерувања во Струмичката Котлина. Зголемување на водостој се очекува и кај помалите реки во Гевгелиско-Валандовскиот регион, како и во сливовите на реките Брегалница и Пчиња.

Од УХМР предупредуваат дека водостоите во западните делови на земјата ќе останат релативно високи, а граѓаните се повикуваат да бидат внимателни при движење покрај речните корита и суводолиците во текот на денот.

„Состојбата внимателно ја следиме и во моментов немаме информација за излевање на критичните точки, но водостоите растат и апелираме граѓаните да бидат претпазливи. Особено ризични се речните корита во Струмичкиот и Гевгелиско-Валандовскиот регион,“ изјавија од УХМР.

Според Управата, зголемувањето на водостоите ќе продолжи и во текот на денешниот ден, а јавноста ќе биде навремено известена за сите промени на терен.

Поврзани содржини