МАЛОЛЕТНИЦИ ОСОМНИЧЕНИ ЗА ПОЛОВ НАПАД И УЦЕНА Жртвата е девојче на 12-годишна возраст
На првопријавениот му е одреден притвор од 30 дена, откако беше лоциран и уапсен.
СВР Охрид поднесе известување до Основното јавно обвинителство за двајца малолетници од градот, осомничени за сериозни кривични дела. 16-годишник е обвинет за „полов напад и силување“ извршено врз 12-годишно девојче на 12 ноември 2025 година. На наводниот сторител му е одреден 30-дневен притвор по наредба на надлежен судија, откако полицијата го пронајде и го лиши од слобода. Според истрагата, обљубата била снимена од друг малолетник.
14-годишникот, пак, е осомничен за „уцена“. Тој, откако го добил видеото од инцидентот, на 20 ноември 2025 година ја уценувал малолетничката да имаат сексуален однос, заканувајќи се дека ќе го објави видеото доколку таа одбие.
Врз малолетничката е извршен медицински преглед, а полициски службеници заедно со претставници на Центарот за социјални работи Охрид, во присуство на родител, извршија службени разговори со жртвата и со двете пријавени лица. По комплетирање на доказите, случајот е проследен до надлежното обвинителство.
Оваа ситуација предизвика загриженост во локалната заедница, со оглед на сериозноста на делата и младоста на вмешаните лица. Бидејќи станува збор за малолетни лица, наместо кривична пријава до обвинителството е објавено тнр. известување.