МАКРОН ГО ПРАВДА ГЕНЕРАЛОТ КОЈ ГИ ПОВИКА ФРАНЦУЗИТЕ НА СПРЕМНОСТ ДА ГИ ИЗГУБАТ ДЕЦАТА Бил изваден од контекст
На годишниот собир на француските градоначалници во Париз, генералот Мандон ги повика локалните власти да ги подготват граѓаните за сценарио во кое одбранбената индустрија ќе стане приоритет, а општеството ќе мора да прифати тешки економски и човечки последици.
Францускиот претседател Емануел Макрон, се дистанцира од изјавите на генералниот секретар за одбрана, генералот Фабиен Мандон.
– Неговите зборови беа извадени од контекст – рече Макрон, во интервју за радио РТЛ.
Генералот Мандон пред неколку дена ги повика Французите дека треба да бидат подготвени да „ги изгубат своите деца“, за да ја сопрат Русија.
Во исто време, претседателот Макрон ги потврди плановите за воведување доброволна воена служба. Според него, „ова е неопходно за Французите да разберат како е структурирана армијата и да можат да се надополнат резервите“.
– Во овој контекст, преземаме одредени иницијативи – истакна Макрон, додавајќи дека подоцна ќе даде дополнителни изјави на оваа тема.
Претседателот рече дека откако дојде на власт во 2017 година, презема мерки за зајакнување на армијата.
– До 2027 година, буџетот на вооружените сили ќе се удвои во споредба со пред 10 години – нагласи францускиот лидер.

На годишниот собир на француските градоначалници во Париз, генералот Мандон ги повика локалните власти да ги подготват граѓаните за сценарио во кое одбранбената индустрија ќе стане приоритет, а општеството ќе мора да прифати тешки економски и човечки последици.
– Ако не сме подготвени да ја прифатиме загубата на нашите деца… тогаш сме во опасност – предупреди Мандон и додаде дека Франција има доволно демографски, економски и воени ресурси за да го одврати „московскиот режим“.
Неговите зборови беа брзо осудени од политичарите од крајната левица и крајната десница на Франција.
Левичарскиот лидер Жан-Лук Меланшон оцени дека Мандон „нема мандат“ да предвидува жртви во војната, нарекувајќи ги неговите изјави „целосно неприфатливи“.
Лидерот на Комунистичката партија, Фабиен Русел, го обвини генералот за „поттикнување војна“.
Екстремната десница се придружи на критиките.
Мандон, кој ја презеде функцијата оваа година од генералот Тиери Бурхар, минатиот месец предупреди дека француските вооружени сили треба да бидат подготвени за „шок“ поврзан со Русија во следните 3 до 4 години.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно ја отфрли „мантрата“ на европските политичари за можна војна со Русија како бесмислица. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, говорејќи на општата политичка дебата на 80-тото заседание на Генералното собрание на ОН, нагласи дека Русија никогаш не нападнала и нема намера да ги нападне НАТО или ЕУ.