ВЛАСТА ПОБАРА АНКЕТНА КОМИСИЈА ЗА КОЧАНИ, МОДУЛАРНАТА ВО ТЕТОВО И ЗА АВТОБУСКИТЕ НЕСРЕЌИ Опозицијата поднела неуредна иницијатива, Гаши им ја врати на доработка

Како е даден технички преглед на неисправен автобус? За модуларната клиника во Тетово виновни испаднаа кабелот, двајца директори и еден доктор, а некој распишал јавна набавка без во неа да внесе критериуми за противпожарна заштита. Тие прашања треба да добијат одговори, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски.

390

Анкетна комисија во Собранието ќе ја преиспитува одговорноста на сите функционери во големите трагедии и несреќи во Македонија. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и на коалициските партнери Вреди и ЗНАМ, како што деновиве најави и премиерот Христијан Мицкоски, денеска во Собранието поднесе иницијатива за формирање Анкетна комисија што ќе ги утврди сите околности за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во модуларната болница во Тетово, автобуските несреќи на „Дурмо турс“ и на „Беса транс“.

– Анкетната комисија ќе има цел да ја утврди одговорноста на функционери, носители на јавни функции и други поврзани лица, како и да ги утврди околностите за постапувањето на институциите за следните трагедии и несреќи: пожарот во ноќен клуб/кабаре во Кочани, пожарот во модуларната болница во Тетово, сообраќајната несреќа на „Дурмо Турс“ во Ласкарци и сообраќајната несреќа на „Беса Транс“ во Бугарија. 77-те потписи на пратениците на иницијативата се доказ дека ние не сакаме да ги политизираме овие трагични настани, туку сакаме да помогнеме засегнатите да добијат правда – рече пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.






Сите прашања мораат да бидат одговорени, а сите случаи треба да го добијат неопходниот епилог, додаде тој.

– Анкетната комисија ќе се формира врз основа на член 124, став 5 од Деловникот на Собранието. Ќе ја сочинуваат 15 членови и нивни заменици, од кои: 7 членови ќе бидат предложени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, 2 од пратеничката група СДСМ, 2 од Европскиот фронт, 2 члена од пратеничката група на Вреди, еден член од ЗНАМ и еден од Левица. Со неа ќе претседава пратеник од редовите на опозициските партии. Форматот, односно составот е клучната разлика, што ја прави оваа комисија деловничка и легитимна, за разлика од некои други обиди – рече пратеникот.

Само на овој начин, додава Стојановски, може да дојдеме до резултат и конкретен одговор на секое прашање.

– Комисијата ќе изготви наоди кои ќе бидат основ за поведување на постапка за утврдување на одговорност на сите инволвирани кои придонеле кон случување, односно не придонеле кон спречување на овие трагични настани. Секоја пратеничка група има право да предложи листа од сведоци и експерти. Секој сведок или експерт поканет да даде изјава пред Анкетната комисија има обврска да се појави пред пратениците. Притоа, комисијата ќе изготви извештаи кои ќе се достават до Владата и до Јавното обвинителство. Ги повикувам пратениците и од другите политички партии да се приклучат кон оваа иницијатива и активно да придонесат во нејзината работа – рече Стојановски.

Тој додаде дека според Деловникот, комисијата има време од 45 дена за работа, а потоа уште 30 дена за изготвување извештај.

На новинарско прашање зошто ВМРО-ДПМНЕ не почека СДСМ и Левица да ја доуредат нивната иницијатива, рече дека Деловникот е познат и се знае како се свикува анкетна комисија и дека ако беа искрени, тие и првично ќе ја поднесеа иницијативата согласно Деловнкиот.

– Во нашата иницијатива има и повикување на одговорност и затоа сметавме дека треба да се прошири. Затоа што, гражаните реагираат дека правдата не е задоволена во овие случаи, а гледаме дека и оние кои се осудени на законски казни, не ги издржуваат. Вистинските виновници не се пред лицето на правдата, не се казнети. Со оваа комисија очекуваме вистинските виновници да излезат на површина и тоа да помогне системот да се реконфигурира, за вакви нешта никогаш да не се повторуваат во иднина. Тоа може да се постигне само ако оние кои имаат вистинка надлежност бидат изведени ред лицето на правдата. Како е даден технички преглед на неисправен автобус? За модуларната клиника во Тетово, јас како пратеник не може да прифатам дека виновни испаднаа кабелот, двајца директори и еден доктор, а некој распишал јавна набавка без во неа да внесе критериуми за противпожарна заштита. Тие прашања треба да добијат одговори – потенцира Стојановски.

Во образложението на иницијативата е наведено:

„Целта на формирање на анкетната комисија е да се утврдат точните причини за овие инциденти, непостапувањето на институциите односно пропусти во постапувањето согласно законските надлежности, да се анализираат евентуалните пропусти во процедурите за безбедност, како и да се дадат препораки за спречување на слични настани во иднина. Оваа комисија ќе помогне да се зајакне довербата на јавноста во институциите и ќе обезбеди поефективни мерки за превенција на идни ризици, а исто така ќе утврди и одговорност на носителите на јавни функции“.

Фото: Собрание

 

Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска на брифинг со медиумите соопшти дека ја вратил на доработка иницијативата на СДСМ и Левица за формирање анкетна комисија што треба да ги испита околностите за трагедијата во Кочани. Гаши рече дека во предлогот, што е поднесен од 20 пратеници на СДСМ и на Левица, мнозинството во комисијата ѝ припаѓа на опозицијата, што е спротивно на Деловникот. Предложено е да има 4 члена од СДСМ, 4 од ДУИ, 1 од Левица, 3 од ВМРО-ДПМНЕ, 2 од Вреди и еден од ЗНАМ.

Гаши се повика на член 124 од Деловникот, според кој сите работни тела, вклучително и анкетните комисии, мора да имаат состав што е пропорционален на парламентарниот распоред на силите. Тоа значи дека мнозинството во комисијата го има власта, а претседателот на комисијата е од опозицијата. Ова правило не е испочитувано, па иницијативата е вратена на доработка.

Во иницијативата на СДСМ и на Левица е наведено дека Анкетната комисија ќе изврши анализа на сите документи и процедури поврзани со трагичниот настан во Кочани, а со цел утврдување одговорност за сторените пропусти и неспроведување на надлежностите од одговорните институции. Се додава дека комисијата ќе ја утврди хронологијата, одговорноста, институционалните пропусти во контролата и во надзорот и начините на кои била загрозена безбедноста на присутните во објектот во Кочани.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 63 лица, а над 200 се повредени. Во Кривичниот суд мината недела почна судењето, по обвинителниот акт со кој се обвинети 35 физички и 3 правни лица.

Поврзани содржини