ДРОН ЌЕ СЛЕДИ ДАЛИ РУДНИЦИТЕ ГИ ЗЛОУПОТРЕБУВААТ КОНЦЕСИИТЕ Инспекторите ќе можат да направат увид и без да одат на терен
Користењето на дронови веќе е дел од стандардната практика во развиените земји, особено за мапирање, инспекциски надзор и мониторинг на енергетски и природни ресурси.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини воведува современ дигитален систем и специјализиран дрон за надзор и мониторинг на концесиите за минерални суровини, соларна енергија и ветерни инсталации.
Новиот систем им овозможува на инспекторите да вршат увид без секогаш да бидат физички присутни на терен. Дронот обезбедува побрза реакција, пократко време за контрола и непречено следење на активностите на терен, овозможува подетално следење на работата на концесионерите и значително го намалува ризикот од злоупотреби.
Преку воведувањето на новата технологија, велат од Министерството, се овозможува прецизно следење на експлоатацијата на минералното богатство, како и проверка на точните координати и инфраструктурата на соларните панели и столбовите за мерење на ветерните паркови.
– Со воведувањето на дигиталниот систем и дронот, ја унапредуваме и зајакнуваме инспекциската контрола. Создадовме можност за современ и ефикасен надзор, кој овозможува концесиите да се користат одговорно и согласно законот – изјави министерката за енергетика и рударство Сања Божиновска.
Користењето на дронови веќе е дел од стандардната практика во развиените земји, особено за мапирање, инспекциски надзор и мониторинг на енергетски и природни ресурси.
Со оваа иновација, Министерството ја следи светската пракса и ја унапредува модернизацијата и ефикасноста во управувањето со ресурсите.