УКИНАТИ ЗАТВОРСКИТЕ КАЗНИ ЗА РОДИТЕЛИТЕ НА МАСОВНИОТ УБИЕЦ ОД „РИБНИКАР“ ВО БЕЛГРАД Пак ќе им се суди на Владимир и Милијана Кецмановиќ

Со првостепената пресуда, која е поништена, Владимир Кецмановиќ беше осуден на 14 и пол години затвор за кривичните дела Занемарување и злоупотреба на дете и Тешко дело против општата безбедност, а Милјана Кецмановиќ на 3 години затвор за кривично дело Занемарување и злоупотреба на малолетно лице.

624

Апелацискиот суд во Белград денеска ја поништи првостепената пресуда со која Владимир и Милјана Кецмановиќ, родителите на момчето кое изврши масовно убиство во училиштето „Владислав Рибникар“, се осудени на затворски казни и му наложи на првостепениот суд да го повтори судењето.

Од друга страна, судот го потврди ослободителниот дел од пресудата за мајката Милјана Кецмановиќ, а на инструкторот по стрелање, Немања Маринковиќ му ја намали казната за 3 месеци и му изрече куќен затвор од една година.






Судот го продолжи притворот на таткото Владимир Кецмановиќ, во кој се наоѓа од неговото апсење на 3 мај 2023 година, додека Милјана Кецмановиќ се брани од слобода.

Со првостепената пресуда, која беше поништена, Владимир Кецмановиќ беше осуден на единствена затворска казна од 14 и пол години за кривичните дела Занемарување и злоупотреба на дете и Тешко дело против општата безбедност.

Неговата сопруга, Милјана Кецмановиќ, беше осудена на 3 години затвор за кривично дело Занемарување и злоупотреба на малолетно лице, додека инструкторот Немања Маринковиќ беше осуден на 15 месеци затвор за давање лажен исказ.

Синот на Милијана и Владимир, Коста Кецмановиќ, на 1 мај 2023 година, за време на првиот час во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград уби 10 лица и рани 5 деца и наставничка по историја. Во времето на ова кривично дело тој сè уште немаше навршени 14 години и затоа не е кривично одговорен. Убиствата ги изврши со  два пиштоли на својот татко.

Главниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, изјави дека очекува повторените постапки против родителите Кецмановиќ да бидат ефикасно спроведени и дека Вишиот суд ќе им изрече максимални казни на обвинетите, на што обвинителството ќе инсистира до крај.

Стефановиќ, исто така, изјави дека Обвинителството очекува Вишиот суд во Белград, во повторените постапки, да ги отстрани недостатоците во пресудата што ги посочи Апелациониот суд во својата одлука.

Апелациониот суд во Белград ја усвои жалбата на Владимир Кецмановиќ и Милјана Кецмановиќ, а пресудата е поништена поради битно кршење на одредбите за кривичната постапка, бидејќи причините за пресудата се нејасни, а пресудите во делот за изрекување на казната се контрадикторни.

„На повторното судење, првостепениот суд ќе ги отстрани недостатоците посочени со оваа одлука, правилно ќе ги примени релевантните процесни одредби и на сигурен и јасен начин ќе ги утврди сите одлучувачки факти што се од суштинско значење за утврдување на фактичката состојба, и внимателно ќе ги процени секој од изнесените докази поединечно и сите докази заедно во нивната поврзаност, ќе го процени постоењето или непостоењето на секој од елементите на постоењето на предметните кривични дела и ќе даде јасни и недвосмислени причини за своите ставови. Само откако ќе постапи по приговорите од оваа одлука, и ќе ги земе предвид жалбените изјави на адвокатите на обвинетите Владимир Кецмановиќ и Милјана Кецмановиќ, кои не беа конкретно споменати во оваа одлука, првостепениот суд ќе може да донесе законита, правилна и јасно образложена одлука“ наведува белградска Апелација.

Поврзани содржини