„КОМУНИСТИЧКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА ЊУЈОРК МИ ПОБАРА СРЕДБА“ Трамп вели дека ќе го прими Мамдани во Белата куќа

Едноставно, сакам да му покажам на претседателот што значи всушност да се залагаш за жителите на Њујорк - наведе Мамдани.

341

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека планира да се сретне во Белата куќа со новоизбраниот градоначалник на Њујорк, Зохран Мамдани.

– Комунистичкиот градоначалник на Њујорк, Зохран „Кваме“ Мамдани, побара средба. Се согласив средбата да се одржи во Овалната соба в петок, 21 ноември. Ќе следат понатамошни детали, објави Трамп на неговата социјална мрежа „Трут соушл“ (Truth Social).






Тимот на Мамдани ја потврди средбата.

– Како што е вообичаено за новата градоначалничка администрација, новоизбраниот градоначалник планира да се сретне со претседателот во Вашингтон, за да разговара за јавната безбедност, економската сигурност и агендата за прифатливост за која гласаа над еден милион жители на Њујорк, пред само две недели – изјави портпаролката на Мамдани.

Мамдани (34), кој се опишува себеси како демократски социјалист, треба да стане првиот муслимански градоначалник на Њујорк и најмладата личност што ја извршува оваа функција од 19 век. Левичарскиот политичар победи на изборите за градоначалник на Њујорк на 4 ноември и ќе ја преземе функцијата на почетокот на годината.

– Мојот тим контактираше поради обврската што ја дадов кон жителите на Њујорк дека сум подготвен да се сретнам со секого, сè додека тоа е во корист на 8,5 милиони луѓе, кои го нарекуваат градот свој дом и нивната борба да си го дозволат најскапиот град во САД. Едноставно, сакам да му покажам на претседателот што значи всушност да се залагаш за жителите на Њујорк – наведе Мамдани.

Поврзани содржини