ПОВЕЌЕТО БРАНИТЕЛИ ПОБАРАА ДА СЕ ОДЛОЖИ СУДЕЊЕТО ЗА „КОЧАНИ“ Судот не дозволи рочиштето да се одложи поради спојување на обвиненијата

Дел од бранителите истакнаа дека сега Јавното обвинителство практично доставува нов обвинителен акт, а тие не го знаат ни неговиот деловоден број, како и дека не знаат кои сведоци се редуцирани од предложените 282 сведока. Од Судот рекоа дека во интегрираниот текст нема измени на ниедно дејствие, на ниеден обвинет и нема промена на квалификацијата за ниеден обвинет, ниту има нови докази кои претходно не се составени и со кои одбраната не е запознаена.

2,101

Повеќе бранители на обвинетите во процесот „Кочани“ денеска побараа одложување на главната расправа, затоа што Судот на почетокот на рочиштето со одлука ги спои обвинението против 34 лица, поднесено на 13 јуни 2025 година и обвинението против Александар Нацев, сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, поднесено на 4 септември 2025 година.

По спојувањето на двете обвиненија, јавните обвинители истакнаа дека доставуваат интегриран обвинителен акт, со листа на прочистени докази. На ова реагираа повеќе бранители, затоа што, како што истакнаа, не се запознаени со содржината на интегрираното обвинение и со тоа кои докази се редуцирани од веќе утврдената листа на докази.






Одбраната го побара на увид интегрираното обвинение

Бранителот на Александар Нацев прв побара одложување на главната расправа, со цел неговиот клиент да се запознае со новото обвинение и со доказите.

– Согласно член 393 од Законот за кривична постапка, а во насока на евентуално дополнување на веќе доставената листа на докази, барам одлагање на денешната расправа, за да се изврши увид во интегрираното обвинение – рече тој.

Адвокатот Еленко Миланов реагираше дека Јавното обвинителство некоректно го става Судот во незавидна ситуација.

– Судот донесе решение за спојување на постапката по две посебно донесени и одобрени обвиненија. Со доставувањето на овој единствен интегриран обвинителен акт, во суштина престануваат да постојат поднесените обвинителни акти. Од друга страна и обвинителниот акт од септември 2025 година е испитан и постои оценка и решение за неговото потврдување, со што е потврдена и листата на докази на ЈО. Согласнно ЗКП, за да се редуцира или да се повлече доказ на која било страна, кој веќе е прифатен, а доказите на ЈО се прифатени со стапување на сила на обвинителниот акт, мора во најмала рака тој прецизиран и интегриран акт, со интегрирана листа на докази, доколку постои спецификација на конкретно повлечени докази, да ѝ се достави на одбраната. Одбраната треба да се произнесе за тие докази, за да може да се продолжи со чисти и расчистени листи на докази. Продолжувањето на расправата без доставување на интегрираниот обвинителен акт е спротивен на ЗКП – истакна Миланов.

На ова обвинителот Борче Јанев истакна дека во доставениот интегрален текст и листата на докази, ништо не е променето суштински во дејствијата на обвинетите, ниту се работи за доставување нова листа на докази која е непозната за одбраната.

– Сметаме дека е легитимно правото на одбраната да ја има единствената листа на докази. Токму затоа сите ќе го добијат записникот од денешната работа, во кој е и интегралниот текст на обвинението и исчистената листа на докази. И Обвинителството денеска доби листа на докази од дел од одбраната, ако сме веќе кај принципот на еднаквост на оружјето – рече обвинителот.

Адвокатот Петре Шилегов рече дека барањето за одложување не е поради бранителите.

– Ова барање настана поради Јавното обвинителство, кое нѐ доведува до либерално толкување на Законот за кривична постапка. Кај што либерално толкуваме што е предизвикување опасност, сега треба да прифатиме и релативизирање на законските права и обврски и на ЈО и на одбраната и на оштетените. Како што истакна колегата Наков, спојувањето е легитимно право на Судот, но, поднесување пречистен текст на обвинителен акт не е ништо друго освен нов обвинителен акт. Во овој момент не ја знаеме содржината на пречистениот текст, па ако одиме во толкување – дали постапката треба да ја вратиме во оценка на овој нов акт? Тоа никој не го сака, најмалку одбраната. Имаме редуцирани докази, кои по правосилните обвинителни акти се дел од доказната постапка што треба да се изведе пред овој суд. Ние не го знаеме степенот и обемот на редукцијата. Согласност за тоа треба да даде другата страна, а не знаеме колакво е нивото на редукција, за да ја дадеме или да не ја дадеме таа согласност. Некои од сведоците, можеби и одбраната ќе сака да ги сослуша и да ги предложи. Нам судот официјално треба да ни ја достави новата редуцирана листа на докази, за да се произнесеме. Се приклучувам кон барањето, не за да се спречи постапката, туку за да ја запазиме законитоста. Ако немаме законита постапка, не може да имаме ниту законита одлука – рече Шилегов.

И други бранители истакнаа дека сега Јавното обвинителство практично доставува нов обвинителен акт, а тие не го знаат ни неговиот деловоден број. Истакнаа дека не знаат кои сведоци се редуцирани од предложените 282 сведока.

Адвокатката Софија Лаличиќ истакна дека има пропусти во доказите, односно дека дел од доказите се разговори меѓу вработени во Министерството на економија водени на албански јазик, а во списите нема превод. Таа истакна дека поради тоа тие не се запознаени со содржината на тој доказ.

Бранителката Сузана Атанасовска Јошевска пред Судот истакна дека на 14 октомври приговарала за неуредноста на доказниот материјал, доставен од Обвинителството.

– Во листата на докази, доказите се групирани и нумерирани, а истото не соодветствува со она што ни беше доставено како електронски докази на УСБ. Кога, согласно со денешната одлука за спојување, ќе ни се доставува и ревидираната и интегрирана листа на докази, предлагам да се задолжи ЈО да ни ги достави доказите во иста форма и во хартиена верзија, за да знаеме за кој доказ конкретно се работи – рече таа.

Судот го одби барањето за одложување на рочиштето 

Судечкиот совет се повлече за да одлучи по барањата за одложување на судењето. По советувањето, Судечкиот совет донесе решение дека го прифаќа предлогот на Јавното обвинителство за изведување интегриран текст на обвинителниот акт и листата на докази, согласно решението на судот за спојување на постапката со цел поефикасно и поекономично водење на постапката како една постапка.

Судот смета дека со тоа нема да биде повредено ниедно право на ниедна странка во постапката од причини што Обвинителството најави дека пред да почне со својот воведен говор ќе го истакне интегрираниот текст и листата на докази која судот дословно ќе ја забележи во записникот кој потоа ќе биде доставен до сите странки во постапката.

Доколку странките имаат приговори на така поставените докази, можат откако ќе ја видат оваа листа на докази на ЈО, да ја прошират и да ја изменат својата листа на докази и на судот да му ја достават на следната расправа по давање на своите воведни говори.

Ваквата одлука на Судот е поради тоа што, како што велат, во интегрираниот текст нема измени на ниедно дејствие, на ниеден обвинет и нема промена на квалификацијата за ниеден обвинет, ниту има нови докази кои претходно не се составени и со кои одбраната не е запознаена.

Советот го задолжи Обвинителството да изврши превод од албански на македонски јазик за дел од доказите и да се достави во доволен број примероци за сите странки.

Судот донесе решение денешната расправа да се одржи.

Поврзани содржини