КУЧЕ НАЈДЕНО ВО КАФЕЗ ПОЛН СО СТАР ЛЕБ И СО ИЗМЕТ Кучето е одземено и згрижено во „Лајка“
Животното е најдено во тешка и загрижувачка состојба - екстремно изгладнето, занемарено и деформирано до степен едвај да стои на нозе.
Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со тимот на ЈП „Лајка“ утрово спроведе инспекциска контрола и итно одзеде куче кое било држено во крајно нехумани и незаконски услови.
Согласно сведоштвата на соседите и поднесените докази, повеќе од две години кучето било чувано затворено во мал бокс, без пристап до питка вода, со нерасчистен измет и хрането исклучиво со сув леб. Поради ваквите услови, животното е најдено во тешка и загрижувачка состојба – екстремно изгладнето, занемарено и деформирано до степен едвај да стои на нозе.
Инспекциската служба констатирала сериозни нарушувања на одредбите од Законот за заштита и благосостојба на животните, по што била донесена одлука за итно одземање на животното и негово префрлање на понатамошна ветеринарна и хуманитарна грижа под надзор на ЈП „Лајка“.
Од „Лајка“ ги охрабруваат граѓаните и понатаму активно да пријавуваат случаи на злоупотреба и занемарување, со цел да се обезбеди навремена и ефективна заштита на животните.
