МЕРКО И УШТЕ ЧЕТВОРИЦА СЕ ТОВАРАТ ЗА УРИВАЊЕТО НА КУЌАТА НА МАЛЕСКИ Поднесени кривични пријави за скандалот во Струга

Инвеститор, градоначалник и уште тројца службеници се осомничени дека со незаконско градење ја оштетиле спомен-куќата на Владо Малески, заштитен културен објект.

699

Спомен-куќата на писателот Владо Малески во Струга, која е заштитено културно наследство, била сериозно оштетена поради незаконски градежни активности. Полицијата поднесе кривични пријави против пет лица – меѓу кои и инвеститор, архитект-конзерватор, градоначалникот на Струга и двајца службеници од општинскиот сектор за урбанизам.

Според информациите, на 15 октомври инвеститорот Н.К. од Велешта, спротивно на заштитните услови и без почитување на проектната документација, урнал стара струшка куќа на катастарска парцела во централниот дел на градот. При ископните работи биле поткопани темелите на јужниот ѕид од соседниот објект, спомен-куќата на Владо Малески, што предизвикало сериозно оштетување на овој значаен културен објект.






Кон збиднувањата придонеле и неправилности при издавање проектна и градежна документација. Архитектот-конзерватор В.Н. од Охрид, која работи во Завод и Музеј – Охрид, ставила печат и одобрила проект што не смеел да биде усогласен со идејното решение, со што, според полицијата, свесно ги прекршила законите за заштита на културното наследство.

Градоначалникот на Струга, Р.М., како третоосомничен, потпишал одобрение за градење спротивно на актите од стручните институции. Дополнително, двајца општински службеници, раководителот на Одделението за урбанизам и неговиот помошник, подготвиле и одобриле документација со која бил заобиколен законот.

Од Министерството за култура, неофицијално, велат дека ситуацијата е алармантна и дека очекуваат брза реакција.

– Станува збор за објект од исклучително значење. Оштетувањето на културното наследство не е само правно, туку и општествено прашање. Очекуваме институциите до крај да го расчистат случајот – велат од Управата за заштита на културното наследство за нашата редакција.

Полицијата информира дека постапката продолжува и се собираат сите докази за целосно расчистување на случајот.

Поврзани содржини