НАСКОРО ЌЕ ПОЧНЕ ДА СЕ ПЛАЌА ДДВ И НА ПРАТКИТЕ ДО 22 ЕВРА Предлог-законот оди во следната фаза од усвојувањето

Предлогот предвидува и ослободување од ДДВ за мали пратки од некомерцијална природа пратени од физичко лице од странство до физичко лице - примач во земјава со вредност до 22 евра, рече заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски.

217

Собранието попладнево донесе одлука дека предлоготт за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност е прифатлив и го проследи на натамошно второ читање.

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски при образложувањето предложениот текст пред пратениците истакна дека се предлага укинување на постојното ослободување од ДДВ за увоз на пратки со мала вредност до 22 евра, испорачани од странство до примачи во Македонија.






– Предлогот предвидува и ослободување од ДДВ за мали пратки од некомерцијална природа пратени од физичко лице од странство до физичко лице – примач во земјава со вредност до 22 евра. Предвидени се и исклучоци од ова ослободување, кое не се применува за одредени категории производи: алкохол и алкохолни пијалаци, парфеми и тоалетна вода и тутун и преработки од тутун – рече Јанкуловски.

Според Јанкуловски, основна причина поради која се врши изменување и дополнување на постојното законско решение е да се создаде појасна правна рамка, да се спречуат злоупотреби и да има пофер услови за стопанисување.

– Се задржува сепак можноста граѓаните да примаат лични пратки од странство до 22 евра без плаќање ДДВ што од социјален аспект е многу значајно -потенцира заменик-министерот.

Тој потсети дека со директива од ЕУ од 2021 година е укинато ослободувањето од плаќање ДДВ за мали комерцијални пратки.

Пратеникот на Социјалистичката партија на Македонија, Малиша Станковиќ нагласи дека ваквото законско решение треба да биде поддржано, бидејќи, како што рече, на овој начин се стават во рамноправна положба малите македонски трговци.

– Сакаме да градиме нови патишта, болници, градинки, училишта, сакаме зголемување на минималната плата и слично. Но, тоа не можеме да го правиме доколку македонскиот денар завршува на странските пазари. Мораме ние малку да имаме една елементарна почит кон нашите луѓе, кон нашата држава. И затоа сметам дека ваквото законско решение е добро. Мора да се справиме со сивата економија – рече Станковиќ.

Пратеникот на Левица, Реџеп Исмаил истакна дека законот треба да биде повлечен. Потенцира дека наместо регресивна даночна политика која ја казнува сиромаштијата, треба да се полни буџетот со зголемување на даноците на добивка.

– Вие сте спремни сè да прифатите со ЕУ, дури и на директна штета на граѓаните. Ова ништо позитивно нема да придонесе во Македонија од економски аспект. Ако мислите да го наполните буџетот со оданочување на шноли, господин заменик-министер, мислам дека е нереално тоа да се очекува. Со ова ги задоволувате барањата на вашите геостратешки стопани и тоа на директна штета на граѓаните кои ве избрале – рече Исмаил.

Поврзани содржини