МАКЕДОНИЈА ИМА ПОВЕЌЕ СУДИИ ОД ФРАНЦИЈА, ШПАНИЈА, ШВЕДСКА, ДАНСКА Трошат повеќе пари од европските, а испорачуваат значително помалку правда

Статистиката покажува дека бројноста на судиите не е главниот системски проблем, туку ефикасноста, организацијата, ресурсите и управувањето со предметите. Македонија не се соочува со недостиг од судии во споредба со европските стандарди, но, ефикасноста на судството продолжува да зависи не само од бројноста на кадарот, туку и од начинот на организација, оптовареноста и долгорочната кадровска политика.

427

Правосудниот систем претставува клучен столб на секоја демократска држава, а неговата ефикасност, капацитет и финансиска стабилност често се изложени на јавна дебата. Во Македонија ова прашање е особено актуелно во светло на реформите, кадровските промени и споредбите со европските стандарди.

Прашањето за платите на судиите стана централна тема во овие денови. Според Здружението на македонските судии, значаен дел од судиите во основните судови земаат плата од 86.000 денари месечно, но состојбата не е таква во апелационите судови и во Врховниот суд, па платите стигнуваат до 120.000 денари, што е 2,7 пати повеќе од просечната македонска плата. Впрочем толку е платата и на врвните лекари од Клиничкиот центар во Скопје – зборуваме за основната плата која се движи околу 80-90.000 денари, па сè до онаа на врховните судии чија плата според законските коефициенти изнесува околу 122.000 денари (од 17.000 до 24.000 евра годишно. Ова е од 2,3 до 3,2 просечни плати во државата. Колку за споредба, во Германија судиите почнуваат со плата која е 1,1 пат повеќе од просечната плата во Германија (во германските основни судии), што би одговарало на плата од околу 50.000 денари, ако се земе македонската просечна плата, се вели во анализата на МИА.






Судот изминативе години добива 0,66 отсто од буџетот или во пари 44,7 милиони евра. Најголем дел од нив, дури 38,3 милиони се трошат на плати. Според податоците од предлогот буџетот, од 2021 година до денес, платите во судството речиси двојно се зголемиле.

Според премиерот Христијан Мицкоски, сите т.н. реформи за кои зборуваат судиите всушност се сведуваат на тоа нивните плати да се зголемат на ниво од 300.000 денари, што е пет пати повеќе од платата што може да ја заработи еден матичен лекар и тоа само во Скопје, каде има мнОгу повеќе пациенти по лекар, но не и во помалите места.

За да се процени капацитетот на судскиот систем, честопати се користи индикаторот „број на судии на 100.000 жители“. Според ЦЕПЕЈ (Европската комисија за ефикасност на правосудството), од 2024 година (со податоци од 2022 година), нашата земја располага со околу 22,3 судии на 100.000 жители.

Овој број е над европскиот просек, кој изнесува околу 21,9–22,2 судии на 100.000 жители.

Тоа значи дека, спротивно на перцепцијата што се обидуваат да ја наметнат судиите вршејќи притисок врз министерската за финансии Гордана Кочоска Димитриеска, Македонија не заостанува во поглед на бројот на судии туку напротив, се движи во рамките на нормата на европските земји.

Кога ќе се спореди бројот на судии со големите членки на Европската Унија, се добива уште поинтересна слика. Па така, на 100.000 жители Германија има 24,7 судии, што е многу блиску до домашната состојба. Данска со 6,5, Исланд со 16,5, Малта со 9, Норвешка – 10,5, Шведска – 11,7, Ирска – 3,3, Шпанија со 11,9 или Франција со 11,3 судии на 100.000 жители се далеку под ЕУ просекот. Овие податоци, земени од ЦЕПЕЈ 2024 извештајот, покажуваат дека имаме двојно повеќе судии по глава на жител од повеќето земји на Европската Унија.

Според ЦЕПЕЈ, во Македонија секој жител троши 24,6 евра на судството или 0,39 отсто од целиот БДП оди за работата на судовите и обвинителствата. Споредбено, тоа е нешто над ЕУ просекот на државите кои трошат од 0,33 до 0,35 проценти од БДП за оваа намена.

Тоа укажува дека бројноста на судиите не е главниот системски проблем, туку ефикасноста, организацијата, ресурсите и управувањето со предметите. Македонија не се соочува со недостиг од судии во споредба со европските стандарди, бројот е споредлив или дури подобар од многу членки на ЕУ. Но, ефикасноста на судството продолжува да зависи не само од бројноста на кадарот, туку и од начинот на организација, оптовареноста и долгорочната кадровска политика.

Во глобални рамки во многу делови од светот има значително помал број судии по глава на жител отколку во европските земји. Етиопија, на пример, има само 0,25 судии на 100.000 жители според податоци од странски медиуми. Пакистан, има околу 1,05 судии, Бразил има 9, а Турција 17,2 судии на 100.000 жители. Србија има 18 до 23 судии, Јапонија од 1,8 до 2, Израел 6-12, Австралија 2-4, Русија 6-12, Кина од еден до тројца судии на 100.000 жители, Канада 2 до 3, Јужна Африка 3 до 6, Бразил од 9 до 11 судии итн.

Накусо и во светски контекст (просекот е 10,63 судии на 100.000 жители), Македонија има релативно висок сооднос на судии на жители, покажувајќи дека судскиот кадар е солидно густ во споредба со многу земји, особено во оние каде што правосудните системи се помалку ресурсирани.

Дури и кога ќе се земат во предвид последните бројки дека во Македонија има 363 судии (без судиите на кои им мирува судиската функција), просекот е 19,92 судии на 100.000 жители, што е повторно висок сооднос, кој како што гледаме секојдневно, не значи автоматски и ефикасно судство. Така што јасно е дека проблемот не е во парите, ни во бројот на судиите, туку во нешто друго. Нам ни е јасно во што е проблемот, но не е наше да зборуваме за тоа на ова место.

Во нашата земја бројот на судии се намалува низ годините наназад, но тој тренд започна во 20о212 година и за тоа нема влијание сегашниот буџет, а самите судии во изминатите 13 години не реагирале така бурно.

Од податоците на ЦЕПЕЈ, се гледа дека намалувањето на бројот на судии по жител всушност се случува во многу други држави во Европа, а нашата земја, воопшто не стои лошо во овој поглед. Освен во новинарските извештаи во медиумите кои се платени со странски пари, а во кои ќе прочитате наслови дека „македонското судство е пред колапс“ и слично, што од приложеното, во споредба со западноевропските земји, се гледа дека воопшто не е така.

 

Поврзани содржини