ГОЛЕМИТЕ ДРЖАВНИ ИНВЕСТИЦИИ ЌЕ ГО ПРИДВИЖАТ РАСТОТ За капитални проекти предвидени се 660 милиони евра во Буџетот
Очекуваме економскиот раст да забрза за 3,8% и пад на стапката на невработеност на историски најниско ниво од околу 10%, раст на пензиите и платите и солидно зголемување на приватната потрошувачка, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Емил Спасовски.
Најголем двигател на растот во 2006 година ќе бидат бруто-инвестициите, пред се Коридорите 8 и 10Д, како и проекти во енергетиката, земјоделието, образованието и здравството, предвидени со Предлог-буџетот за 2026 година, кој е исклучително развоен со силна социјална компонента, нагласува пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Емил Спасовски.
Според него, целта е забрзување на економскиот раст и спроведување фискална консолидација преку зајакната финансиска дисциплина.
– Во 2026 година се очекуваат позитивни движења и економскиот раст да забрза за 3,8%, како резултат на растот на инвестициите и последователен пад на стапката на невработеност на историски најниско ниво од околу 10%, раст на пензиите и платите и солидно зголемување на приватната потрошувачка. Најголем придонес кон растот во 2026 година се очекува да имаат бруто инвестициите, преку реализација на големите инфраструктурни проекти, финансирани од државата, во патната и железничката инфраструктура, пред се Коридорите 8 и 10Д, како и проекти во енергетиката, земјоделието, образованието и здравството – рече Спасовски на вчерашната комисиска расправа за Предлог-буџетот за 2026 година.
Тој ги истакнува капиталните инвестиции како клучни за стапката на развој.
– Значајна ставка во Предлог буџетот се капиталните расходи, каде капиталните проекти учествуваат со околу 9,8% од проектираниот буџет, односно се проектирани во износ од 660 милиони евра. Од овие средства ќе се реализираат инфраструктурни и енергетски проекти, капитални проекти од областа на сообраќајната, комуналната и локалната инфраструктура. Ќе се финансира западниот дел од патниот Коридор 8, изградба на железницата како дел од Коридорот 8, каде што првата делница од Куманово до Бељаковце е пуштена во употреба, интензивно се работи на втората делница од Бељаковце до Крива Паланка за која се обезбедени средства и третата делница од Крива Паланка до Деве Баир, рече Спасовски.