БУЏЕТОТ ЗА 2026 ГОДИНА Е ДОКАЗ ДЕКА МОЖЕМЕ ДА УПРАВУВАМЕ ПАМЕТНО Димитриеска Кочоска смета дека тој испраќа порака за стабилност и развој
Вкупните приходи во Предлог-буџетот за следната година се проектирани на 374,7 милијарди денари, расходите на 413,9 милијарди денари, а капиталните инвестиции на 40,5 милијарди денари или 650 милиони евра. Економскиот раст е проектиран на 3,8%, инфлацијата на 2,5, а буџетскиот дефицит на 3,5% БДП
Ова не е само уште еден документ со бројки и табели, ова е економска порака за стабилност, доверба и развој, како и јасен доказ за одговорното управување со јавните финансии што го воспоставивме и го продолжуваме со полн капацитет, рече денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска која пред матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет го образложи Предлог-буџетот за 2026 година.
Комисијата треба да ја почне амандманска расправа по Предлог-буџетот.
-Буџетот за 2026 година е доказ дека можеме да управуваме паметно, дисциплинирано и визионерски, дури и во време на предизвици. Овој документ зборува за економија што расте, за држава што инвестира и за Влада што знае што прави -рече Димитриеска-Кочоска.
Откако ги соопшти проекциите, таа рече дека од Комисијата очекува аргументирана, квалитетна и продуктивна дискусија.
По Димитриеска-Кочоска, пред членовите на Комисијата се обраќа и претседателот на Фискалниот совет Абдулменаф Беџети, кој го дава видувањето за проектираниот Буџет.
Вкупните приходи во Предлог-буџетот за следната година се проектирани на 374,7 милијарди денари, расходите на 413,9 милијарди денари, а капиталните инвестиции на 40,5 милијарди денари или 650 милиони евра. Економскиот раст е проектиран на 3,8%, инфлацијата на 2,5, а буџетскиот дефицит на 3,5% БДП.
Според информациите објавени на веб страницата на Собранието, за Предлог-буџетот се поднесени над 100 амандмани.
Пленарната седница на која ќе се разгледува Предлог-буџетот за 2026 година, според најавите, е планирано да се одржи на 9 декември.