СКОПЈЕ СЕ ПОДГОТВУВА ЗА БРТ СИСТЕМОТ Ѓорѓиевски најави почеток на проектот вреден 66 милиони евра
Ѓорѓиевски најави дека Скопје конечно ќе добие модерен систем за брз автобуски превоз, со нова траса и подобрена инфраструктура.
Кон средината на следната година, во Скопје треба да започне имплементацијата на долгочекуваниот проект БРТ (Bus Rapid Transit), систем за брзи автобуски линии кој треба значително да го подобри јавниот превоз во главниот град.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски потврди дека проектот ќе се реализира, но со исправки во трасата, бидејќи првичниот план не ги опфаќал Драчево и Радишани, што, според него, претставува сериозен недостаток.
– Веќе вчера имав состанок со претставници од ЕБОР. Ќе треба да се потпишат договорите меѓу Град Скопје, Министерството за транспорт и врски и Министерството за финансии, по што ќе влеземе во фаза на реализација. Сметам дека во втората половина од следната година ќе бидеме подготвени за изведба – изјави Ѓорѓиевски во гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5.
Според градоначалникот, првата фаза од проектот е вредна 44 милиони евра, а втората – 22 милиони евра. Таа ќе опфати обезбедување на трасата, поставување нови стојалишта и набавка на 35 модерни автобуси.
Ѓорѓиевски додаде дека ќе се спроведат и заштитни мерки за мостот „Обединети нации“, кој не бил вклучен во првичниот финансиски план на ЕБОР.
– Имаме доста работа, но почнавме да се екипираме и верувам дека ќе ги решиме сите предизвици што ќе произлезат во процесот – изјави тој.
Во врска со новогодишното украсување, Ѓорѓиевски најави дека за оваа цел се предвидени 70 милиони денари, кои треба да бидат изгласани со ребалансот на буџетот на Град Скопје.
Граѓаните ќе ја дочекаат Новата година на плоштадот во Скопје, каде ќе настапат популарни македонски музички ѕвезди, а самиот градоначалник рече дека ќе присуствува на прославата заедно со своето семејство.