МОТ ГО СЛАВИ 50-ТИОТ РОДЕНДЕН „Нашите во светот“ — јубилејното издание посветено на македонските автори надвор од земјата
Фестивалот „Млад отворен театар“ оваа година го слави 50-годишниот јубилеј под мотото „Нашите во светот“, со фокус на македонските уметници кои создаваат надвор од земјата.
Младинскиот културен центар (МКЦ) со гордост го најавува 50-то јубилејно издание на Млад отворен театар – МОТ, кое ќе се одржи од 19 до 25 ноември во Скопје. Оваа година, фестивалот се одржува под слоганот „Нашите во светот“, во чест на македонските автори кои успешно творат надвор од границите на земјата и го носат духот на македонската театарска школа на меѓународната сцена.
– Со ова издание, МОТ ја слави интернационалната видливост на македонската театарска мисла и ја нагласува вредноста на уметниците кои потекнуваат од нашата културна средина, а денес се дел од европските и регионалните театри – изјави Русе Арсов во името на тимот на МКЦ.
Отворањето на фестивалот ќе биде со претставата „Лимени барабан“ (по романот „Лимениот добош“ на Гинтер Грас), во режија и адаптација на Васил Христов, поставена на сцената на Југословенско драмско позориште во Белград. Во проектот учествува и поширока македонска екипа: композиторот Никола Коџобашија и сценографот Константин Трпеновски.
Арсов потсетува дека МОТ уште од своето основање е простор каде што младите уметници се охрабруваат да експериментираат и да создаваат надвор од традиционалните сценски рамки.
– Од самиот почеток, МОТ е место каде што се судираат традицијата и авангардата, класичните сценски јазици и новите театарски естетики. Тоа е простор на слобода, експеримент и размена, и токму затоа стана едно од највиталните културни јадра во земјата – нагласи Арсов.
Во програмата на фестивалот се вклучени и низа претстави на македонски автори кои работат во странство:
„Куќа на граница“ на Андреј Цветановски (Регионално позориште Нови Пазар, Србија);
„Поручникот од Инишмор“ на Ѓорѓи Ризески (Адриана театар, Урошевац, Косово);
„Коштана“ на Јана Маричиќ (Народно позориште Ниш, Србија);
„Кучето се засмеа“ на Ана Батева (Спам театар, Софија, Бугарија);
„Граница“ на Совран Нрецај (ОДА театар, Приштина, Косово);
„Врба“ на Искра Шукарова;
„Слугинки“ на Агнес Нокшиќи.
Во придружната програма, публиката ќе може да го доживее ВР перформансот „Ехо од длабочината“ на Нина Николиќ и Борјан Стојков, како и концертите на „Zwada“ и „This is not“ од Косово во рамките на МОТ – Музичкиот блок. Ќе биде отворена и изложба на Константин Трпеновски.
Фестивалот ќе заврши со претставата „Мајка храброст и нејзините деца“ во режија на Дејан Пројковски, продукција на Новосадско позориште. Во авторскиот тим се и Олга Панго (кореографија), Валентин Светозарев (сценографија) и Сергеј Светозарев (автор на плакат).
Авторка на годинешниот фестивалски плакат е Кристина Горовска.
Целосната програма и распоредот на претставите се достапни на официјалната веб-страница mot.mk, каде што публиката ќе може да купи онлајн билети од четврток, 13 ноември.
Годинешното издание е поддржано од Министерството за култура и Град Скопје, а тимот на МОТ најави дека можно е да има измени во програмата, за кои јавноста ќе биде навремено информирана.