ЗАТВОРЕНИЦИ БИЛЕ НА ПЛАТЕН СПИСОК НА КОМУНАЛНА ХИГИЕНА Ѓорѓиевски смета дека истрагата може да води и до Град Скопје
Затвореници биле на платен список на Комунална хигиена откри градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски откако претходно обвини дека имало низа злоупотреба во ова јавно претпријатие.
– Тоа се лица кои што со месеци, некои со години не оделе на работа а земале плата. Има таму лица, во интерес на истрагата не можам во детали да зборувам, кои што дури се наоѓаат во куќен притвор или се затвореници. Замислете, а земале плата од Градот Скопје. Има под интелектуални услуги активирано камиони со астрономски суми, исплата на физички лица кои што работеле наводно за Комунална хигиена – рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека истрагата може да води и до повисоки институции, како што е Град Скопје, и дека за тоа ќе остави Финансиската полиција да си ја заврши работата.
Вчера државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски го повика градоначалникот доколку има такви докази да поднесе кривична пријава во МВР или да ги донесе тие документи во Јавното обвинителство.
– Ќе го направам тоа. Јас немам намера никого да го штитам вклучувајќи се и себе си. Секој што направил одредени прекршувања, за тоа треба да одговара. И тука треба законот да биде јасен за сите, но и постапувањето треба да биде подеднакво за сите – рече Ѓорѓиевски.
Поранешната градоначалничка Данела Арсовска вчера на обвинувањата на Ѓорѓиевски рече дека лаже и го повика да ги објави со име и презиме сите 500 вработени за кои тврди дека не оделе на работа. Ѓорѓиевски за ова рече дека немал проблем да ги објави, а за повикот на Данела да се соочат на ТВ дуел, тој рече дека таа треба да комуницира со други институции а не со него.