📷 КАКО ЌЕ ИЗГЛЕДА МЕГА ПАРКОТ ВО БУТЕЛ? Зелена површина на 8.000 квадрати богата со содржини за сите возрасти

Запуштениот простор долж булеварот Христијан Тодоровски Карпош ќе прерасне во модерен и функционален зелен простор - мега парк со богати зелени површини, плоштад, детски катчиња, пешачки патеки и фитнес зони, со содржини наменети за сите возрасти.

1,205

Денеска почна изградбата на мега парк во Бутел, со кој почнува реализацијата на првите проекти ветени во програмата на новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Запуштениот простор долж булеварот Христијан Тодоровски Карпош ќе прерасне во модерен и функционален зелен простор – мега парк со богати зелени површини, плоштад, детски катчиња, пешачки патеки и фитнес зони, со содржини наменети за сите возрасти, кој ќе се простира на површина од 8.000 м2.






– Ова е еден од четирите мега паркови ветени во мојата програма. Предвидуваме изградба на околу 50 мали паркови во сите општини, со што секој дел од Скопје ќе добие свој зелен агол – рече Ѓорѓиевски и најави дека во Бутел следува вистински инфраструктурен бран.

Ќе се изгради кружен тек на крстосницата меѓу улиците Бутелска и Александар Урдаревски, како дел од стратегијата за уредување на 50 критични крстосници низ Скопје.

– Целта е поголема безбедност и ред во сообраќајот и постигнување на визијата за град со нула фатални несреќи до 2030 година. Сите овие проекти се дел од визијата за Скопје како безбеден, функционален и модерен град кој се развива во корист на граѓаните – рече Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски и градоначалникот на Бутел Дарко Костовски најавија дека ќе следи целосна реконструкција на улиците Бутелска и Радишанска со нов асфалт, модерни пешачки патеки, улично осветлување и атмосферска канализација која конечно ќе го реши долгогодишниот проблем со поплави. Меѓу поголемите проекти што следуваат се реконструкцијата на Стар Качанички пат и развојот на Економската зона Визбегово, како и ревитализацијата на реката Серава со уредени зелени коридори, велосипедски и пешачки патеки.

Поврзани содржини