🎥 ХИТОВИ КОИ НЕИЗБЕЖНО СЕ ПЕАТ И КОГА ГО НЕМА КИРЕ КОСТОВ Стоечки аплауз на концертот во чест на големиот хитмејкер

Ќерката Ана пееше како придружен вокал на концертот, а сопругата на Кире, Кармен стана и се поклони на сите страни кон публиката која ѝ возврати со громогласен аплауз откако водителот Јаневски рече дека таа поместила планини за да го организира овој концерт.

568

Двочасовен концерт исполнет со некои од најголемите хитови во македонската музика се одржа синоќа во чест на композиторот Кире Костов, во Националната опера и балет.

Хитовите на Костов во изведба на млади пејачи ги стопија срцата на целата публика, која дојде да ужива во македонските евергрини. Изборот на пејачи го направила професорката по пијано Кармен Костова, сопругата на маестро Кире.






Благодарение на водителите Живкица Каленикова и Огнен Јаневски, публиката имаше можност да слушне некои детали од животот на маестро Костов, за тоа како творел, колку бил посветен на компонирањето, дека цртал карикатури и дека имал прекрасен однос со својата сопруга Кармен, кој му била прв слушател и професионален соговорник. Костов напишал и рап песна, за која не сакал да каже дека е негова.

Концертот почна со пијано изведба на песната „Летај галебе“ како што и беше наречен концертот. Песната ја отсвири пијанистот Бобан Мирковски, а за тоа време на видео бим се прикажуваа фотографии од животот на Костов, како и негови оригинални ракописи.

Потоа следуваше настапот на Биба Додева, Ламбе Алабаковски, Александар Тарабунов, Андријана Јаневска, Ана Петановска, Елена Ристеска, Бојана Скендеровски, Драган Мијалковски, Влатко Лозановски, Сефедин Бајрамов, Мустафа Имери, Елена Васова и на Јапонката Сигијама Кономи.

Кономи ја испеа песната „Кога те нема“, со која Хелена Благне победи на Макфест во 1986 година. Кономи ја воодушеви публиката со својот моќен и чист глас, пеејќи ја на одличен македонски. Таа е сопруга на јапонски дипломат, живее во Скопје и оди на часови по пеење кај професорката Ана Костадиновска, ќерката на Кире Костов.

– Кире знаел да се јави кај текстописец и да каже: Имам песна, ми треба текст денеска, снимаме утре. Или да се јави кај некој пејач и да му рече: „Имам песна за тебе, не песна, туку песниште, доаѓај веднаш – рече водителот Јанески.

Пејачите ги придружуваше оркестар со кој диригираше Сашо Татарчевски и во две песни големиот пријател на Кире Костов, Љупчо Мирковски.

Ќерката Ана пееше како придружен вокал на концертот, а сопругата на Кире, Кармен стана и се поклони на сите страни кон публиката која ѝ возврати со громогласен аплауз откако водителот Јаневски рече дека таа поместила планини за да го организира овој концерт.

Публиката ги слушна песните „Илузија“, „При очи ти си слеп“, „Штом се сака“, „Тајно моја“, „Твојте очи сине“ „Само сеќавања“, „На 223-305“, „Кој да ти каже“, „Кога те нема“,„Казна моја си ти“, „Што те нема“…

Летово беше промовирана монографијата за Костов, „Летај низ солзи мој, галебе мој тажен“, чии автори се Снежана Анастасова-Чадиковска и Марко Коловски. Монографијата е насловена по неговиот голем хит кој го испеа Верица Ристевска.

Костов остави зад себе повеќе од 700 песни во популарната и џез музика, беше педагог, диригент и трубач. Почина во 2023 на 74 години

Публиката со стоечки аплауз ги награди изведбата на пејачите и концертот посветен на големиот хитмејкер Кире Костов.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by 椙山 木乃美 (@sugiyama_konomi)

Поврзани содржини