ЃОРЃИЕВСКИ ПОВИКУВА НА МАСОВНО ГЛАСАЊЕ Заедно да му го вратиме редот и сјајот на Скопје

На 2 ноември гласајте за конкретни проекти, ред и сјај во Скопје, Орце Ѓорѓиевски ги претстави решенијата за сообраќајниот хаос, инфраструктурата и градските услуги.

321

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска на митингот во Скопје ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање на вториот круг од локалните избори, закажан за 2 ноември, со цел „заедно да му го вратиме сјајот и редот на нашето Скопје“. Настанот се одржа во рамки на изборната кампања под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“.

– Стоиме заедно во пресрет на конечната одлука. Ова е одлука за судбината на нашиот град, за тоа во каков град сакаме да живееме ние и нашите деца. Нашиот град е уморен од хаос, од нечистотија, од сообраќаен метеж во кој губиме часови од животот, од празни ветувања и неспособност – рече Ѓорѓиевски.






Тој нагласи дека Скопје се соочува со сериозни, длабоки и наталожени проблеми кои не се решаваат со учење во од и празни фрази, туку бараат сериозни, искусни и итни решенија.

– На Скопје не му требаат експерименти, ниту луѓе кои допрва ќе се учат што е локална самоуправа, што е Генерален или Детален урбанистички план, физибилити студија, главен проект или буџетско планирање. Градот бара човек кој знае што прави уште од првиот ден, бидејќи Скопје нема време за губење – истакна Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека изминатите четири години покажале како се работи, а на неодамнешниот дуел, според него, незнаењето и преголемата амбиција на противкандидатот доживеале дебакл.

– Сега пред вас ја барам довербата со дела оставени зад мене. За Кисела Вода ветив 70 километри асфалтирани улици – тоа го реализиравме. Ветив нови градинки и ги изградивме, а листите на чекање ги сведуваме на нула – рече Ѓорѓиевски.

Кандидатот посочи дека програмата на ВМРО-ДПМНЕ содржи стотици проекти и конкретни решенија за сообраќајниот колапс во Скопје.

– Ќе ја одблокираме клучката Момин Поток, ќе го пробиеме булеварот Хрватска за да ги споиме Гази Баба и Бутел, ќе го завршиме булеварот АСНОМ со новиот мост за да ги споиме Аеродром и Гази Баба, ќе го прошириме булеварот Цветан Димов во Чаир со шест ленти. Ќе изградиме Февруарски Поход со нов мост преку Вардар, со кој Аеродром добива целосно нов коридор, а на булеварот Александар Македонски ќе воведеме трета лента за да нема повеќе хаос. Ова не се само линии на хартија, туку артерии кои ќе го оживеат градот – истакна Ѓорѓиевски.

Поврзани содржини