МАКЕДОНИЈА ГЛАСАШЕ ПРОТИВ УКИНУВАЊЕ НА САНКЦИИТЕ КОН КУБА Само 7 земји на Обединетите Нации беа „против“, 165 гласаа „за“
Резолуцијата го повторува долгогодишниот апел на Генералното собрание до сите држави да го отфрлат казненото законодавство на САД, како што е Законот Хелмс-Бартон од 1996 година, за кој Куба и други земји тврдат дека го крши меѓународното право и Повелбата на ОН.
Македонија гласаше против Резолуцијата во ООН со која се бара САД да ги укине економските санкции кон Куба. Резолуцијата, насловена како „Потреба од прекин на економското, трговското и финансиското ембарго наметнато од САД против Куба“, беше усвоена со 165 гласа „за“, 7 „против“ и 12 „воздржани“.
Против резолуцијата гласаа САД, Израел, Аргентина, Унгарија, Парагвај, Македонија и Украина.
Дванаесетте воздржани беа Албанија, Босна и Херцеговина, Костарика, Чешка, Еквадор, Естонија, Латвија, Литванија, Мароко, Полска, Молдавија и Романија.
Иако резолуцијата е необврзувачка, нејзиното усвојување го истакнува меѓународното неодобрување за едностраните економски санкции кон Куба, кои погубно влијаат на економијата и стандардот на живот во оваа карипска островска држава.
Резолуцијата го повторува долгогодишниот апел на Генералното собрание до сите држави да го отфрлат казненото законодавство на САД, како што е Законот Хелмс-Бартон од 1996 година, за кој Куба и други земји тврдат дека го крши меѓународното право и Повелбата на ОН.
Во меѓувреме, економската состојба во Куба од година во година се влошува: економијата бележи пад на БДП, силен недостиг на девизни резерви, хронични проблеми во снабдувањето со храна, гориво и лекови, како и чести прекини на струјата. Дел од овие проблеми произлегуваат од внатрешни структурни слабости на кубанскиот модел на државно-контролирана економија, но е јасно дека мерките на САД против Куба, вклучувајќи трговски и финансиски санкции, значително ја влошуваат состојбата.