ЈАКИМОВСКИ НЕГИРА ДЕКА МОЛЕЛ НА КОЛЕНА И МУ НУДЕЛ УРБАНИСТИЧКИ ПЛАНОВИ НА МИЦКОСКИ Се правда дека во тоа време немало нови ДУП-ови
Јас за свои 65 години таква реченица немам изговорено. Тоа се реплики од турски серии, не од сериозни политичари, му одговори Јакимовски на Мицкоски.
Кандидатот за градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, негира дека го молел на колена преседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да добие поддршка за претходните локални избори во 2021 година.
„Да беше Пинокио, носот ќе ти удреше во крстот на Водно. Јас за свои 65 години таква реченица немам изговорено. Тоа се реплики од турски серии, не од сериозни политичари“, му одговори Јакимовски на Мицкоски.
Тој вели дека не е точно дека му покажувал детални урбанистички планови на Мицкоски, и додава дека во првите 30 дена од мандатот немало ниту еден нов урбанистички план, затоа што општината беше со блокирана сметка.
„А и да му покажев план, што би разбрал од него? Тој лаже дека дошол да честита победа.
Вистината е дека дојде со список од 37 луѓе за вработување, бараше секретар на општината, директор на јавно претпријатие и на училиште, како и урбанистичка маркица за фирма блиска до негов пријател од „Гранит“. Сето тоа – надвор од било каков институционален ред и закон. Мицковски спомнува „пресуда“ – нема никаква пресуда! Постои само политички прогон за барака која денес е пренаменета во простор каде се згрижени деца од градинката Мајски цвет“, вели Јакомовски.
Мицкоски вчера откри дека после првиот круг на претходните локалните избори Јакомовски дошол кај него ненајавен и исплашен и го молел за поддршка во вториот круг, за да победи. Мицкоски побарал за возврат да нема бетонизација на Карпош, но по победата Јакимовски му понудил кој ДУП од Карпош го сака за него. На приговорот од Мицкоски дека не се договарале така, Јакимовски му рекол дека мора од нешто да живее.
– Ете за каква личност станува збор. Сакав ова да го кажам за да знаат карпошани со кого имаат работа. Но, времето на овој итрец завршува. Сакам да ги потсетам карпошани дека станува збор за човек кој се наоѓа на црната листа на САД за криминал. Затоа ве повикувам на 2 ноември масовно да излеземе и да гласаме за Сотир, да го заокружиме бројот 9 – повика Мицкоски.