ЗАМАТЕНА Е ВОДАТА ВО ТЕТОВО, НЕ Е ЗА ПИЕЊЕ Поради силните врнежи биле исклучени двата водоснабдителни система

Граѓаните се замолуваат водата да ја користат само за основни потреби (како хигиена и чистење), сè додека не завршат новите лабораториски анализи.

312

По речиси целодневен прекин во водоснабдувањето во Тетово, околу полноќ се очекува нормализирање на дотокот во водоводната мрежа, но јавното претпријатие за водовод „Шар“ од Тетово препорача водата да не се пие и да се користи само за хигиена и за чистење.

Двата водоснабдителни система беа исклучени од дистрибутивната мрежа, а причина беа интензивните врнежи од дожд што предизвикаа заматување на водата.






Според информациите од Јавното претпријатие за водовод „Шар“ од Тетово, прво во утринските часови беше исклучена новата водоводна линија која носи количини од планинските реки во реонот на Лешница поради преголема заматеност и неможноста да се пречисти во филтер станицата кај Лисец. Во текот на попладнето беше прекинат и доводот со вода од стариот водоснабдителен систем од изворите на Попова Шапка исто така поради заматеност.

– Граѓаните се замолуваат водата да ја користат само за основни потреби (како хигиена и чистење), сè додека не завршат новите лабораториски анализи. Ќе се извршат анализи, по што граѓаните ќе бидат веднаш информирани за резултатите и квалитетот на водата – информираа од ЈП „Шар“ Тетово.

Според информациите на директорот Ваљон Зеќири, поради заматената вода, три пати се празнел и чистел резервоарот кој се полни со вода од стариот водоснабдителен систем со вода од изворите околу Попова Шапка.

Во реонот на Попова Шапка денеска се измерени напаѓани рекордни 55 литри вода на метар квадратен, додека во Тетово 32 литар.

Во Гостивар, на улицата 18 Ноември, затнати се пет шахти кои претставуваат потенцијален ризик од поплавување на неколку куќи во близина. Од Центарот за управување со кризи соопштија дека надлежните екипи се на терен и преземаат мерки за прочистување на шахтите и нормализирање на состојбата.
Поврзани содржини