ЗНАМ ГИ ПОТВРДИ СВОЈОТ РАСТ И СТАБИЛНОСТА Минчев вели дека се потврдени резултатите од парламентарните избори

ЗНАМ настапи самостојно во 53 општини што е една третина помалку од вкупниот број општини во земјата и освои околу 40.000 гласови и 50 советници, бројка што целосно кореспондира со резултатот од парламентарните избори.

167

Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија го потврди својот континуиран раст и стабилизација на политичката сцена по првиот круг од локалните избори, оцени генералниот секретар Горан Минчев во гостување во централниот дневник на ТВ Сител и истакна дека Движењето е задоволно од одличните резултати.

– Не би се согласил дека движењето ЗНАМ има пад во гласовите. Напротив, ние ги исполнивме сите свои политички цели. Нашиот резултат не е добар, ниту многу добар, туку одличен – рече Минчев.






Тој нагласи дека ЗНАМ настапи самостојно во 53 општини што е една третина помалку од вкупниот број општини во земјата и освои околу 40.000 гласови и 50 советници, бројка што целосно кореспондира со резултатот од парламентарните избори.

-Движењето ЗНАМ се стабилизира на политичката сцена. Граѓаните ги поздравија нашите политики и тоа се гледа по бројките. Една третина помалку листи, една третина помалку гласови, ист резултат како на парламентарните избори – истакна Минчев.

На прашањето дали овие бројки ја намалуваат тежината на ЗНАМ во владината коалиција, Минчев одговори:

– Апсолутно не! Нашите цели се исполнети. Господинот Максим Димитриевски има убедливо водство во Куманово, а ние сме во втор круг и во општина Центар. Тоа е потврда дека граѓаните имаат доверба во нашите кандидати и политики.

Минчев потенцираше дека ЗНАМ останува столб на стабилност и коректор во Владата, со сопствени, автохтони политики, и дека партнерството со ВМРО-ДПМНЕ и со Вреди се темели на заемна поддршка и принципиелност.

– Ние не сме само коректор на Вреди, туку и на одредени политики на ВМРО-ДПМНЕ. Во оваа влада функционираме како едно големо семејство кое учи, расте и создава резултати за граѓаните – додаде Минчев.

Тој порача дека Движењето ЗНАМ е најмладата, но и најбрзорастечка политичка сила во Македонија, која ќе продолжи со ист интензитет да ја спроведува својата визија за чесна, праведна и европска држава.

Поврзани содржини