МИЦКОСКИ ПОРАЧА ДЕКА ЈАКИМОВСКИ ТРЕБА ДА СТАНЕ МИНАТО ЗА КАРПОШ Ги повика карпошани да го поддржат Лукровски

Мицкоски е убеден дека по вториот круг ВМРО-ДПМНЕ ќе има 60 градоначалници сосе Градот Скопје.

1,382

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати на мини митинг во Карпош, од каде повика на масовна излезност на вториот круг од локалните избори закажани за 2 ноември 2025 година.

– Денес сум овде како човек кој го поминал својот живот тука во овие улици тука низ Карпош, како карпошанец и како таков сакам да кажам неколку работи коишто сметам дека се важни. На овие локални избори народот јасно и гласно кажа која партија ја има довербата. После првиот круг ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата освоија 33 градоначалници плус кандидатите кои се во втор круг како првопласирани и 6 како второпласирани, тогаш доаѓаме до бројка од 59 општини. Во 58 општини коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и има мнозинство во советите. Ако на тоа се додаде и огромната предност која ја има Орце во однос на неговиот противкандидат којшто вчера видовте како на медиум јавно избегна да каже дали ќе ги поддржи кандидатите во Брвеница и во Кичево на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа треба да се запомни, ние знаеме, но добро е скопјани да запомнат со какви измамници имаат работа. Затоа што еднаш измамник, цел живот измамник. Честа се стекнува на улица и таму се учат работи кои во училиште не можеш да ги научиш, а меѓу нив е и честа и таа се брани на улица, но овој човек не само што не ја има таа чест туку тој има од кого да учи од неговиот ментор, претседателот на таа политичка партија за која одамна вие знаете за каков измамник станува збор, тие луѓе ја изгубија својата чест и ја немаат – нагласи Мицкоски.






Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата убедливо победиле со советничките листи. Мицкоски е убеден дека по вториот круг ВМРО-ДПМНЕ ќе има 60 градоначалници сосе Градот Скопје.

Мицкоски зборуваше за актуелниот градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски.

– Никогаш порано не сум зборувал за тоа каде ни се разотидоа патиштата со Стевче Јакимовски кој беше дел од нашата коалиција, но мислам дека денес е добра можност да кажам некоја реченица за тоа. Ќе се вратам на таа 2021 година, пред 4 години. После првиот круг на локалните избори, дојде ненајавен, исплашен, во паника и нормално го примив. Велам што е работата Стевче? Вели „те молам ако треба и на колена ќе клекнам, те молам да ја имам вашата поддршка“. Јас го гледам и велам „немој, непријатно ми е, сепак си човек во години, не ти личи вакви работи, те молам седни на столчето, дај напиј се вода, ќе разговараме, да видиме како можеме да помогнеме, сепак сме коалиција, ние првиот круг победивме“. „Не, те молам пак ќе клекнам, што треба ќе направам, само да ме поддржите, вели народ може да те оправда, да те обели. Само народ може да ме обели да победам на избори и ништо не ми треба после.“ Велам „Стевчо, имам едно барање до тебе, сè друго те разбирам само те молам да нема бетонизација за Карпош, уморни се карпошани.“ Вели „не ме интересира ништо само народ да ме обели.“ Заврши состанокот, се вклучивме целото раководство во кампања, тој стана градоначалник. Поминаа неколку дена отидов да му честитам и ми вели дојди да ти покажам, една голема маса, кој бил знае, ги наредил сите детални урбанистички планови, 30 на ред и вика бирај. „Што да бирам“, му велам, „Па кои се за тебе“. „Чекај Стевчо, нели беше кај мене во кабинет нели молеше да те поддржиме да застанеме зад тебе нели рековме нема бетонизација.“ А вели „не тоа, јас морам да живеам од нешто.“ Го погледнав, само му се заблагодарив, „не, благодарам за ова од мене немаш поддршка и со заминав“ – истакна Мицкоски.

После тоа следувале напади кон родител на Мицкоски, па кон неговата сопруга, како и навреди кон двата сина.

– Ете за каква личност станува збор. Сакав ова да го кажам за да знаат карпошани со кого имаат работа. Но времето на овој итрец завршува. Сакам да ги потсетам карпошани дека станува збор за човек кој се наоѓа на црната листа на САД за криминал. Затоа ве повикувам на 2 ноември масовно да излеземе и да гласаме за Сотир, да го заокружиме бројот 9 – повика Мицкоски.

Поврзани содржини