НОВ СТАДИОН И КУЛТУРЕН ДОМ „ЕСМА РЕЏЕПОВА“ Орце Ѓорѓиевски ги претстави проектите за Шуто Оризари

Граѓаните од Шуто Оризари се третирани долго време како граѓани од втор ред. Мојот концепт е Скопје еднакво за сите граѓани – рече кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ.

362

Шуто Оризари нема да биде повеќе запоставена општина, а проблемите како нефункционалноста на комунална хигиена и јавниот превоз ќе се надминат – изјави денеска Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, кој денеска ја посети оваа општина.

Тој рече дека Шуто Оризари ќе добие нов културен дом „Есма Реџепова”, како и голем стадион на барање на младите од општината. Ѓорѓиевски истакна дека очекува голема поддршка од централната власт.






Сакам да им честитам на сите овде во Шуто Оризари. Никогаш немало ваков чин на заедништво овде и сите да се обединети на една страна, како што тоа се случува денес. Убеден сум дека после ова ќе следи силна победа во Шуто Оризари за мене како кандидат за градоначалник на Град Скопје, но и за Ерџан како локален градоначалник овде, кој што за прв пат во историјата ќе биде избран, а е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата – рече Ѓорѓиевски.

Според него, во општината недостасуваат најпрво основни хумани услови за живот, а граѓаните на Шуто Оризари како што вели тој, долго време се третирани како граѓани од втор ред. Ѓорѓиевски истакна дека како иден градоначалник на Град Скопје ќе работи на рамномерен развој во секоја населба и секое населено место.

– Граѓаните од Шуто Оризари се третирани долго време како граѓани од втор ред. Мојот концепт е Скопје еднакво за сите граѓани. Тоа подразбира рамномерен развој во секоја населба, во секое населено место, да сите имаат еднакви услови за живот. Дополнително, овде во програмата имаме ветено на барање на жителите културен дом, „Есма Реџепова”, место каде што младите ќе можат да се дружат да креираат, но и повозрасните да го поминуваат своето време – истакна Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски вети дека дивата депонија во Шуто Оризари ќе биде исчистена, а ќе се работи на решение со нефункционалноста на комуналната хигиена, како и на јавниот превоз во градот.

– За брзо време по преземањето на власта во Град Скопје, ќе ги надминеме и како што побараа младите овде, а тоа беше најголем нивни интерес, во Шуто Оризари ќе градиме еден голем стадион. Очекувам силна поддршка од централната власт, но има и проекти кои што ќе ги реализираме заедно со локалната самоуправа овде, со меѓуопштинска соработка – рече Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека во оваа општина инфраструктурата се наоѓа во лоша состојба, и истакна дека ќе треба да се интервенира преку локалната самоуправа, а очекува силна поддршка од централната власт.

Поврзани содржини