ЛАБУДОВИЌ НАЈАВИ 24-ЧАСОВНО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ВО СИТЕ УЧИЛИШТА И ГРАДИНКИ ВО ЦЕНТАР Безбедноста на децата да биде обврска на општината
Воведување 24-часовно физичко обезбедување во сите училишта и градинки на територијата на Центар, најави Мирослав Лабудовиќ, кандидат на ЗНАМ за градоначалник на Општина Центар.
– Не може родителите од свој џеб да плаќаат за нешто што е законска обврска на општината. Тоа е недозволиво, но во Центар стана пракса. Јас се обврзувам дека секое училиште и секоја градинка ќе има 24-часовно физичко обезбедување. Безбедноста на децата е наш највисок приоритет – вели Лабудовиќ.
Тој најави иницијатива за воведување безбедни патеки до училиштата и до градинките, кои ќе бидат обележани, осветлени и целосно прилагодени за децата. Целта е да се создаде сигурна и уредена средина, во која секое дете ќе биде заштитено и во училницата, и во училишниот двор, и на патот до дома.
– Ќе изградиме систем во кој родителите ќе бидат спокојни, а децата безгрижни и среќни. Безбедно дете значи спокојно семејство, а тоа е темел за модерен и одговорен Центар – додаде Лабудовиќ.
Новата мерка е дел од поширокиот план за поголема безбедност, ред и грижа за семејствата во Центар, и претставува конкретен пример дека со вистински политики општината може да стане поквалитетно и побезбедно место за живеење и за децата и за возрасните.