УАПСЕНИ ЧЕТВОРИЦА ТУРЦИ И ДВАЈЦА УЗБЕКИСТАНЦИ Имале фалсификувани дозволи за престој

Полицијата пронашла и запленила повеќе дозволи за престој на име на други лица, пари во различни валути, печати од приватни фирми и државни институции за кои постои сомнение дека се фалсификувани.

341

Шестмина странски државјани – четворица од Турција и двајца од Узбекистан – се уапсени во полициска акција во Скопје под сомнение за фалсификување дозволи за престој и други службени документи.

Акцијата е спроведена во ноќта меѓу понеделникот и вторникот, околу 1.30 часот, од страна на полицијата од Одделението за прекуграничен криминал и миграции и Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје. Приведени се А.З. (30), З.А. (26), Е.С.О. (20) и А.У. (51) од Турција, како и Н.А.Т. (39) и А.Д.М.У. (27) од Узбекистан.






При претрес во домот на А.З. во скопски Чаир, каде што биле затекнати сите шест лица, полицијата пронашла и запленила повеќе дозволи за престој на име на други лица, пари во различни валути, печати од приватни фирми и државни институции за кои постои сомнение дека се фалсификувани, како и лаптопи, турски пасоши и други сомнителни предмети.

Според информациите, осомничените престојувале во земјата без валидни документи. По приведувањето, сите се задржани во полициска станица, а по целосното расчистување на случајот против нив ќе бидат поднесени кривични и прекршочни пријави за дела поврзани со фалсификување документи и нелегален престој.

Поврзани содржини